Јамајка пријави 19 мртви по ураганот Мелиса

Со уште 30 пријавени смртни случаи во Хаити и еден во Доминиканската Република, вкупниот број на жртви низ Карибите се искачи на најмалку 50 и се очекува да се зголеми понатаму

Ураганот Мелиса одзеде најмалку 19 животи на карипскиот остров Јамајка, објави синоќа министерката за информации Дана Морис Диксон, пренесе ДПА.

Со уште 30 пријавени смртни случаи во Хаити и еден во Доминиканската Република, вкупниот број на жртви низ Карибите се искачи на најмалку 50 и се очекува да се зголеми понатаму.

Иако ураганот се врати над отворените води, прерано е да се даде целосна слика за последиците.

Мелиса повторно се засили до бура од втора категорија и се движи кон островскиот ланец Бермуди во Северниот Атлантик.

Според американскиот Национален центар за урагани (NHC) во Мајами, бурата произведува ветрови до 165 километри на час.

Мелиса стигна до копното на Јамајка во вторникот како ураган од петта категорија, што ја направи една од најсилните бури некогаш регистрирани во Атлантикот.

Исклучително силните ветрови и поројните дождови предизвикаа бранови и уништија безброј згради.

Владата на Јамајка го прогласи островот за зона на катастрофа, потсети ДПА.