
Промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“
Во Францускиот институт во Скопје вечер ќе се одржи промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Во Францускиот институт во Скопје вечер ќе се одржи промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Книгата, објавена од издавачката куќа „Темплум“, ќе ја промовираат Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Лада Стевановиќ, научен советник на Етнографскиот институт САНУ во Белград, и Гоце Смилевски, писател.
Поетики на современата европска драма и театар нуди синтетизиран преглед на позначајните тенденции и појави во современата европска драма и театар од крајот на 20 и почетокот на 21 век.
Книгата е од областа на теориската драматургија и театрологијата и се осврнува на еволуциите на современата драма и театар преку анализата на – неслучајно – избрани дела на реномирани европски драмски и театарски творци, во нивните заемни испреплетувања и рефлектирања, од Македонија па сè до Норвешка, како што се: Хајнер Милер, Горан Стефановски, Сара Кејн, Едвард Бонд, Јасмина Реза, Јон Фосе, Тиаго Родригеш, Мило Рау, Тифен Рафје и Каролин Гиела Нгуен.
Оваа студија ги осветлува врските и одеците меѓу делата на претставените творци, кои го сочинуваат заедничкото европско културно и театарско наследство, како и оние на авторите од 21 век со авторите од 20 век и со нивната оставштина. Хронолошки, изданието се осврнува на еволуцијата на драмските и театарски поетики од крајот на 20 век, прогонувани од падот на Берлинскиот ѕид и од сеништата на војната (во поранешна Југославија, меѓу другото), постмодернизмот и крајот на „големите нарации“ (Lyotard 1979), за потоа да се надоврзе на поетиките што го обележуваат почетокот на 21 век, во потрага по нови драмски и сценски форми во добата на глобализацијата, дигиталните технологии и вештачката интелигенција, но и по нови утопии, залагајќи се за театар кој ќе биде простор на уметнички и политички отпор. Книгата, заедно со епилогот, е составена од тринаесет поглавја, а автор на поговорот е писателот Гоце Смилевски.