
Имамоглу за обвинението за шпионажа: „Дури и обвинението дека сум го запалил Рим е поверојатно“
„Ништо не е вистина, а сè е можно. Токму во такво место ја претворија мојата убава земја. Дури и обвинението дека сум го запалил Рим е поверојатно од оваа апсурдна приказна“, напиша Имамоглу, кој се наоѓа во затвор од март 2025 година, во очекување на судски процеси по неколку различни обвиненија за корупција.
Отстранетиот од функцијата градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се соочува со ново обвинение за политичка шпионажа и со уште една мерка притвор, реагираше на обвинението со објава на својот профил на Фејсбук.
„Ништо не е вистина, а сè е можно. Токму во такво место ја претворија мојата убава земја. Дури и обвинението дека сум го запалил Рим е поверојатно од оваа апсурдна приказна“, напиша Имамоглу, кој се наоѓа во затвор од март 2025 година, во очекување на судски процеси по неколку различни обвиненија за корупција. Во јули тој доби и пресуда за навреда и закана кон истанбулскиот јавен обвинител.
Според најновиот обвинителен акт, Имамоглу наводно учествувал во собирање поткупи наменети за финансирање на неговата претседателска кампања, како и во активности што обвинителството ги квалификува како шпионажа за обезбедување меѓународна поддршка.
Во својата објава на социјалните мрежи, Екрем Имамоглу рече дека отсега па натаму, битката „со умот што се обидува да ја уништи иднината на нацијата“ ќе биде уште поголема. Тој ги повика луѓето да не губат надеж и ги увери дека со храброст, решителност и непоколебливост ќе победат.
Имамоглу потсети и на слоганот што го скандираат поддржувачите на најголемата опозициска сила во Турција – Народнорепубликанската партија (НРП), чиј член е и тој:
„Нема спас поединечно. Или сите заедно, или никој!“
Стотици членови и градоначалници на НРП се соочуваат со обвиненија за корупција и незаконски дејности. Од партијата тврдат дека процесите против нивните членови се политички мотивирани и антидемократски, а дека вистинската цел е отстранување на Имамоглу од претседателската трка.