Трамп за Русија: Имаме нуклеарна подморница покрај нивниот брег, не мораме да пукаме од далечина

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Вашингтон „не игра игри“ со Москва и откри дека американска нуклеарна подморница се наоѓа во близина на рускиот брег.

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Вашингтон „не игра игри“ со Москва и откри дека американска нуклеарна подморница се наоѓа во близина на рускиот брег.

Изјавата доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин објави дека е успешно тестирана крстосувачката ракета на нуклеарен погон „Буревестник“, која, според него, прелетала 14.000 километри и останала во воздух 15 часа.

– Ја имаме најдобрата нуклеарна подморница на светот веднаш покрај нивниот брег. Не мора да поминува 8.000 милји. Тие не си играат со нас, ниту ние со нив, им рече Трамп на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“.

Трамп оцени дека изјавата на рускиот лидер за тестирањето на „Буревестник“ е „несоодветна“, нагласувајќи дека Путин треба да се посвети на завршување на конфликтот во Украина.

– Војна што требаше да трае една недела наскоро влегува во четврта година. Тоа е она што треба да го прави – да ја заврши, наместо да тестира нови ракети, порача американскиот претседател.

Тој додаде дека украинскиот конфликт би можел да стане „деветта војна што ќе ја реши“.

– Решив осум војни, а деветтата доаѓа. Мислам дека тоа е меѓу Русија и Украина, истакна Трамп.

На прашањето за можноста за воведување нови санкции против Русија, американскиот претседател одговори кратко: „Ќе дознаете“. Тој додаде дека не бил вклучен во разговорите за користење на замрзнатиот руски имот за финансирање на Киев, нарекувајќи го тоа „прашање на Европската унија“.