
На денешното судско рочиште за скандалот „Онкологија“ искази дадоа пациентка која се лекувала на Клиниката и членови на семејствата на дел од пациентите, кои исто така се лекувале таму.
Во судница сведочеше една од оштетените, која лично била пациентка на Клиниката за онкологија и имала дијагноза рак на дојка. Таа истакна дека лекувањето го започнала во Виена, но потоа продолжила тука во Скопје, јавува Фокус.
„Во 2021 година го почнав лекувањето кај доктор Мери Пешевска и доктор Нино Васев. Не се приклучувам кон кривичниот прогон на Васев“, истакна пациентката.
Втората оштетена која сведочеше е медицинска сестра на скопска Трауматологија, која истакна дека нејзината мајка се лекувала на Онкологија.
„Во 2007 година започна лекувањето и траеше цели 13 години со што сум запознаена буквално со се. Кај друга докторка започна лекувањето и мајка ми сакаше да ја смени заради односот, па продолжи кај Нино Васев со имунолошки терапија. Не барам никаква оштета и не се приклучувам кон кривичниот прогон. Тој е Господ за мене“, истакна сведокот.
Судот, исто така не го прифати барањето на адвокатите на обвинетиот Нино Васев за изземање ма Милан Ристески како технички експерт во вештачењето од причина што во тој период тој воопшто не бил вработен на скопска Онкологија.