Копаничарска колонија повторно во Бигорски, со учество на мајстори-резбари од повеќе градови

Во Бигорскиот манастир се одржува 38-та копаничарска колонија организирана од ЗКМАК, на местото каде што и почна, а ова познато светилиште со своето духовно и уметничко богатство, повторно станува отворен дом за резбарите.

Во Бигорскиот манастир се одржува 38-та копаничарска колонија организирана од ЗКМАК, на местото каде што и почна, а ова познато светилиште со своето духовно и уметничко богатство, повторно станува отворен дом за резбарите.

– Бигорскиот манастир, со своето духовно и уметничко богатство, повторно станува отворен дом за резбарите. Токму во Бигорски, во јуни 1994 година, се одржа првата колонија и тука израснаа нејзините рани изданија, во непосредна близина на славниот иконостас на Петре Филиповски-Гарката – дело коешто со своите скулпторални квалитети и внатрешна логика на формата повеќе од два века е мерило и вдахновение за резбарите, информираа од Бигорски манастир.

Колонијата ја отворија претседателот на Здружението на копаничари на Македонија (ЗКМАК), Никола Михајловски, деканот на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при УКИМ, проф. д-р Ѓорги Груевски, и ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.

Со пригодно слово во името на игуменот, владиката г. Партениј, се обрати архимандритот Доситеј, кој ја поздрави колонијата и гостите и ја изрази радоста што колонијата повторно се враќа во срцето на копаничарството, во Бигорскиот манастир. Во воведните обраќања беше нагласена мисијата за живо предавање на традицијата, од мајстор на ученик, во средина каде што духовноста и уметноста природно се прегрнуваат.

Работните пунктови се поставени во манастирскиот двор, а колонијата обединува истакнати мајстори-резбари од повеќе градови и ново поколение млади творци.

Се обработуваат теми од секојдневието и од црковното предание: лозови плетови, флорални преплети, животински и символични мотиви, како и литургиски елементи. Во вечерните часови следуваат стручни разговори за техниките, алатите и стилските особености на посебните резбарски школи.

– Историјата на колонијата е нераскинливо сврзана за Бигорскиот Манастир. Првата колонија се одржала токму тука, од 3 до 10 јуни 1994 година а во периодот 1994–2000 во Бигорски се одржаа седум последователни годишни сесии. Оттогаш колонијата продолжи да гостува и во други места (Согле, Смилево, Папрадиште, Велешко и др.), градејќи мост меѓу различни резбарски средишта во земјата, додаваат од манстирот.

Оценуваат дека со овогодишното издание, ЗКМАК, зад кое стои три децении упорна работа свесно се навраќа на изворот, пред бесценетото дело на Гарката, чиишто извонредни резбарски вештини, поезијата на формата и тајните на умешноста и денес се учебник за секој што зема длето в рака.