
Прага по Париз и Мадрид воведува забрана за изнајмување електрични тротинети
Одлуката е донесена по бројни поплаки од граѓани за хаосот што го создаваат тротинетите на градските тротоари, а градските власти планираат да го поттикнат користењето на системи за споделување велосипеди како алтернатива, пишува Гардијан.
Чешкиот главен град Прага објави целосна забрана за изнајмување електрични тротинети, која ќе стапи на сила во јануари 2026 година. Одлуката е донесена по бројни поплаки од граѓани за хаосот што го создаваат тротинетите на градските тротоари, а градските власти планираат да го поттикнат користењето на системи за споделување велосипеди како алтернатива, пишува Гардијан.
Во понеделник, членовите на градскиот совет одобрија нови регулаторни измени за услугите за заеднички превоз. Иако ќе бидат воведени нови правила за паркирање за велосипеди, и класични и електрични, електричните тротинети се целосно исклучени од новите регулативи, што во пракса значи нивна забрана.
Одлуката ја потврди и на социјалната мрежа X Здењек Хриб, заменик-градоначалник задолжен за сообраќај. „Крајот на електричните тротинети е одобрен! Воведуваме јасни правила што ќе го ослободат јавниот простор од неконтролиран сообраќај на тротинети, кои во центарот на градот честопати се користеа повеќе како туристичка атракција отколку како превозно средство и предизвикуваа хаос на тротоарите и пешачките зони“, рече Хриб.
Прага, која ја посетија повеќе од осум милиони туристи во 2024 година, се придружува на голем број европски градови кои ги заострија мерките против електричните тротинети. Париз и Мадрид веќе воведоа целосна забрана, италијанските градови бараат задолжителни кациги и осигурување, додека Финска ја забрани нивната употреба од страна на лица под 15 години.
Прашките власти изјавија дека дејствувале по жалбите од граѓаните за опасно возење по тротоари и паркови, а тротинетите се оставени да ги блокираат пешачките патеки. Градот, исто така, вели дека електричните тротинети имаат значително повисоки стапки на несреќи во споредба со велосипедите.
Компанијата Лајм, еден од најголемите оператори во Прага, изрази жалење за одлуката. Директорот на „Лајм“ за Чешка, Вацлав Петр, рече дека во градовите каде што има „конструктивен дијалог“ со операторите, „ромобилите можат да работат многу добро и да им служат на граѓаните“.