
Кипарските Турци избраа нов лидер
Со 62,8 отсто од гласовите Туфан Ерхурман е новиот лидер на кипарските Турци по вчерашните претседателски избори во Турската Република Северен Кипар, призната само од Турција, додека пак досегашниот претседател Ерсин Татар освои 35,8 проценти од гласовите на изборите на кои право на глас имаат нешто повеќе од 218.000 граѓани.
Со 62,8 отсто од гласовите Туфан Ерхурман е новиот лидер на кипарските Турци по вчерашните претседателски избори во Турската Република Северен Кипар, призната само од Турција, додека пак досегашниот претседател Ерсин Татар освои 35,8 проценти од гласовите на изборите на кои право на глас имаат нешто повеќе од 218.000 граѓани, јави дописничката на МИА од Атина.
Според светските, но и кипарските медиуми, 55-годишниот Ерхурман, кој е лидер на централно-левичарската Републиканска турска партија од 2016 година, важи за умерен политичар.
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис доцна синоќа му честиташе за победата на Ерхурман и изрази надеж дека што е можно поскоро ќе се сретнат, а паралелно ја повтори неговата „подготвеност, цврста политичка волја и решителност“ да продолжи да придонесува во напорите за „продолжување на суштинските преговори за решавање на кипарското прашање“.
– Во оваа насока, претстојниот неформален, проширен состанок што го најави генералниот секретар на ОН претставува клучна можност за рестартирање на процесот. Решението на кипарското прашање треба да се базира на резолуциите на ОН, одлуките на Советот за безбедност и принципите и вредностите на Европската Унија, чија членка е и ќе продолжи да биде Република Кипар, посочи Христодулидис.
Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис изјави дека „волјата на кипарските Турци да го одберат Туфан Ерхурман за нивни нов лидер отвора ново поглавје на надеж и амбиција за повторно обединување на островот врз основа на одлуките на Генералното собрание и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение, а во изминатиот период во тек се напори на ниво на неформални средби за одново започнување на разговорите за одново обединување на островот поделен во 1974 година.