Трамп го помилува осудениот конгресмен Сантос

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот конгресмен Џорџ Сантос, кој отслужуваше седумгодишна затворска казна за измама и кражба на идентитет, наредувајќи го неговото итно ослободување.

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот конгресмен Џорџ Сантос, кој отслужуваше седумгодишна затворска казна за измама и кражба на идентитет, наредувајќи го неговото итно ослободување.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп напиша дека Сантос бил „ужасно малтретиран“. „Затоа штотуку потпишав помилување со кое веднаш ќе се ослободи Џорџ Сантос од затвор. Среќно, Џорџ, и имај прекрасен живот!“, додаде тој.

Поранешниот конгресмен стана само шестиот во историјата на САД кој е исклучен од Конгресот, по остриот извештај на етичкиот комитет во 2023 година. Сантос, кој призна дека украл идентитети на 11 лица – вклучувајќи членови на семејството – ја отслужувал казната во затвор со минимално обезбедување во Њу Џерси.

Кога бил осуден во април, судијата му рекол: „Ти беше избран според твоите зборови – и повеќето од тие зборови беа лаги“. Сантос наводно плачел на суд и молел за прошка, велејќи: „Не можам да го сменам минатото, но можам да го контролирам патот што претстои“.

Обвинителите тврдат дека тој лажел за своето образование и кариера и дека ги злоупотребил средствата од кампањата за финансирање на скап начин на живот.

Трамп го оправда потегот напаѓајќи го демократскиот сенатор Ричард Блументал, обвинувајќи го дека лажно тврдел дека служел во американската војска. „Ова е многу полошо од она што го направи Џорџ Сантос, а барем Сантос имаше храброст, убедување и интелигенција секогаш да гласа за републиканец!“, напиша Трамп.

Адвокатот на Сантос, Ендру Мансила, изјави дека сè уште не е јасно кога неговиот клиент ќе биде ослободен. „Одбраната го поздравува претседателот Трамп за тоа што постапил правилно. Казната беше премногу строга“, рече Мансила.

Кариерата на Сантос почна да се распаѓа во 2022 година откако истрагата на „Њујорк тајмс“ откри дека конгресменот лажел за своето минато – вклучително и тврдењето дека има диплома за завршено високо образование и дека работел во „Ситигруп“ и „Голдман Сакс“. Лагите продолжија да се зголемуваат, од кражба на пари од собирање средства до третманот на неговото куче, па сè до измислување приказни дека неговата мајка ги преживеала нападите од 11 септември.

Следеа локални и федерални истраги. Сантос беше обвинет за 23 кривични дела од федералниот карактер, а во 2023 година стана првиот член на Конгресот што беше исклучен по повеќе од две децении. Етичкиот комитет на Претставничкиот дом го обвини за користење средства од кампањата за лични трошоци – вклучувајќи ботокс и претплата на веб-страницата ОнлиФанс.

Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп веќе помилува најмалку двајца поранешни републикански функционери – претставникот Мајкл Грим и поранешниот гувернер на Конектикат, Џон Роуланд, кои беа осудени за даночни и корупциски прекршоци.