Родителите на загинатите деца по закажаното прво рочиште: Ова ќе биде судење за човечноста, совеста и одговорноста

По информацијата од Кривичниот суд дека е закажано првото судско рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, со соопштение излегоа родителите на загинатите деца.

По информацијата од Кривичниот суд дека е закажано првото судско рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, со соопштение излегоа родителите на загинатите деца.

-Во врска со кривично-правниот предмет К.бр. 1872/25, поврзан со трагичната несреќа во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани, денес добивме сознание дека главната расправа е закажана за 19 ноември 2025 година (среда), со почеток во 09:30 часот, во судницата при КПУ Идризово.

Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество.

Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија.

Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.

Воедно, Ве известуваме дека, бидејќи добивме датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината, соопштија родителите.