„Белата палата“ останува замрзната

„Белата палата“ и останатиот имот (68 недвижнини) на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се уште останува замрзнат, односно партијата не може и смее да го продава, но од денеска ќе може да го издава под закуп.

„Белата палата“ и останатиот имот (68 недвижнини) на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се уште останува замрзнат, односно партијата не може и смее да го продава, но од денеска ќе може да го издава под закуп.

Денеска, Кривичниот суд, поточно судијката Даниела Димовска надлежна за случајот ,,Талир 2″, ја замени постоечката мерката за забрана за закуп, со нова мерка, забрана за располагање со средатвата од закупот. Ова значи дека партијата ќе може да го изнајмува имотот под кирија, но не смее да ги користи парите.

-Предлогот за укинување на привремената мерка за издавање под закуп се заменува со мерката, забрана за располагање со парите добиени од закуп, одлучи судијката Даниела Димовска.

На ваквата замена на мерките за обезбедување на имотот беше согласна и обвинителката Ленче Ристоска.

-Останувам на наводите искажани на записник, во кои се противам за укинување на привремените мерки за обрзбедување на имотот. Предлагам замена на мерката имотот да се става под закуп, односно истата мерка да се замени со привремена мерка, забрана за располагање со средства од закуп, со што би се задолжило сопственикот на имотот, средствата од закупот да ги уплаќа на посебна сметка и да не може да располага со нив се до завршување на кривичната постапка, истакна обвинителката Ленче Ристоска.

Одбраната, пак, бараше целосно одмрзнување и располагање на партијата со имотот.

Цели шест години трае судењето за случајот „Талир 2“, отворен уште во времето на СЈО. Остана уште една година за џа или бу, односно да се види дали владејачката партија освен моќта, ќе си го врати на сигурно и богатството од 17 милиони евра замрзнат имот. Доколку до следниот август не биде донесена правосилна пресуда, случајот ќе застари.

Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
По направената преквалификација на обвинението, судењето требаше да почне од почеток, но тоа се уште тапка во место. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи.

Извор: Фокус