Јошевска му врати на Коцевски: Обвинителството повеќе ќе се грижи за својот имиџ отколку за обвинението

Се заострува полемиката меѓу Државното јавно обвинителство и бранителите во случајот „Пулс“.

Се заострува полемиката меѓу Државното јавно обвинителство и бранителите во случајот „Пулс“, по објавеното писмо на државниот обвинител Љупчо Коцевски до Адвокатската комора, во кое ги обвинува дел од адвокатите дека со јавни настапи ја доведуваат јавноста во заблуда и го нарушуваат угледот на институциите.

Во писмото, Коцевски остро реагира на, како што наведува, „неетички коментари“ и „невистини“ изнесени во медиумите од поединечни адвокати кои, според него, ја претставуваат својата позиција како независни правни експерти, а всушност се бранители на обвинетите во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.

Коментарите се изнесуваат без адвокатите воопшто да се запознаени со доказниот материјал или со динамиката на судењето. Таквото однесување е спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите, кој бара од нив да го чуваат угледот на судот и на институциите пред кои настапуваат“, стои во писмото на Коцевски.

Тој особено се осврна на јавниот настап на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која гостуваше во емисијата „Студио 10“ на „ТВ24“, наведувајќи дека не добила целосен увид во доказниот материјал. Коцевски ова го оцени како „неетички јавен настап и обид за нарушување на интегритетот на истрагата“.

„Наводите дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал се целосно неточни. Документите се доставени интегрално до Судот и сите бранители. Доколку адвокатката не го презела материјалот или не го прегледала, тоа може да го каже пред Судот, а не во медиумите“, наведува Коцевски.

По реакцијата на Обвинителството, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска се огласи преку Фејсбук, оценувајќи дека писмото на државниот обвинител претставува „директен притисок врз слободата на говорот и професионалната независност на адвокатите“.

„Писмото на Јавното обвинителство до Адвокатската комора го чувствувам како притисок и директен напад врз мојата слобода на говор и професионална независност. Би сакала да го видам Обвинителството со иста енергичност кога е нападнато од извршната власт, бидејќи тоа е прашање на институционален интегритет, а не на лична суета,“ напиша таа.

Јошевска-Анастасовска потсети дека во своите јавни настапи секогаш јасно ја нагласувала својата улога како бранител во конкретниот случај, а не како независен експерт.

Таа се повика и на пресудата Nikula v. Finland (Европски суд за човекови права, 2002), во која се вели дека адвокатите имаат право да зборуваат за функционирањето на правосудниот систем „без страв од санкции, доколку нивната критика е професионална и во добра намера“.

„Ако денот по утрото се познава, тогаш преку вакви реакции можеме да очекуваме дека Обвинителството повеќе ќе се грижи за својот имиџ отколку за суштината на обвинението,“ додаде таа.