(ВИДЕО) Ристевска: Неприфатливо е да почнеме преговори со ЕУ без гаранции

➡ Проблемот е што бугарската страна веќе се што можеше како гаранција, дека тие ќе влијаат на секој иден чекор, веќе го вметна во официјалните документи на ЕУ - заклучоците на Советот и преговарачката рамка. Тоа не значи дека нема враќање назад, затоа што доколку има политичка волја од страна ЕУ се е менливо. ➡ За тоа кои би биле индикациите дека сме под безбедносен ризик, Ристевска Јорданова како членка на Советот за национална безбедност кај претседателката Сиљановска Давкова, вели дека надлежните институции треба да дадат информации за тоа кои се елементите врз кои се дошло до заклучок дека сме цел на хибриден напад.

„Доаѓањето на Урсула фон дер Лајен е традиционална есенска посета на регионот. Таа го посетува целиот регион, не е исклучок Македонија и затоа не би ја ставила во контекст на локалните избори, иако е малку ризично што доаѓа токму сега, од можни влијанија на вакви посети врз исходот од изборите, иако кога зборуваме за локални избори во европски рамки тогаш повеќе зборуваме за локални политики, но кај нас тема се и националните прашања.

-Моите очекувања од нејзината посета не се преголеми. Следејќи ги сите нејзини настапи во однос на проширувањето и на регионот таа ги носи традиционално пораките дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ, дека ќе бидеме оценувани според сопствените критериуми и тн. Исчекор во однос на нашата земја би било доколку таа го прифати речникот на Кошта, па да зборува и за можни гаранции за Македонија во овој ЕУ пат, изјави во магазинот „Трилинг“ експертот за ЕУ интеграции, Малинка Ристевска Јорданова, околу доаѓањето на шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен во Скопје, четири дена пред првиот круг од локалните избори.

На прашањето како гледа на можноста прием во Европската унија со квалификувано мнозинство, Ристевска Јорданова вели дека самиот конечен прием не се поставува како предмет на квалификувано мнозинство.

„Во правото на ЕУ има два чекори коишто се едногласност – почетокот на процесот и крајот. Крајот на процесот е фактички едногласност бидејќи треба договорот за пристапување да биде ратификуван од сите држави членки. Овие предлози веќе три-четири години наназад стануваат се поактуелни, не само во невладиниот, туку и од страна на државите членки. Таков предлог имаше од Австрија, нон пејпр Словенија – Германија. Значи правно тоа е возможно затоа што правото на Унијата е многу базично што се однесува до пристапувањето. Проблемот е што тоа е веќе еднаш е донесено со едногласност од земјите членки и ќе треба со едногласност да се смени. Значи ќе треба сите да се согласат за да преминат на некаков вид на квалификувано мнозинство, а повеќе опции се тука во игра – дали квалификуваното мнозинство коешто веќе го знаеме или некое коешто ќе бара уште поголема согласност од земјите членки“, вели Ристевска Јорданова.

Малинка Ристевска Јорданова

За тезата дека Македонија можеби треба да купува време, во насока да се надеваме на промена на механизмот што на некој начин би го олеснил патот на земјава до зачленување, Ристевска Јорданова вели купувањето време не е соодветниот израз, но од друга страна ставањето се на коцка, за да се почне патот на преговори без никакви гаранции потоа, е исто така нешто што е неприфатливо.

„Затоа мислам дека треба да бидеме многу разумни и многу одмерени и да ги следиме работите како се одвиваат. Ние обично чекаме една работа, еден настан да ги реши сите наши проблеми, но тоа не се случува така во ЕУ. Значи и во овој момент, да, се зборува се повеќе за квалификувано мнозинство во текот на процесот на пристапување, меѓутоа реално поддршката кај државите членки сѐ уште не е доволна за да се премине и во процедура на такво нешто. За такво нешто е потребна промена на преговарачките рамки коишто веќе постојат или некој друг документ. Унијата секогаш тоа може правно да го изведе ако има политичка волја“, вели Ристевска Јорданова.

За тоа дали смета дека постои реална волја, подготвеност од Брисел да дадат своевидни гаранции во делот на она што македонската страна го бара – гаранции дека после уставните измени нема да има нови барања од официјална Софија, Ристевска Јорданова вели дека за неа е воопшто проблем барањето на гаранции, а не дефинирањето на такви гаранции, затоа што ние не зборуваме за какви гаранции станува збор или какви бараме.

„Само се зборува гаранции. Проблемот е што бугарската страна веќе се што можеше како гаранција дека тие ќе влијаат на секој иден чекор веќе го вметна во официјалните документи на ЕУ – заклучоците на Советот и преговарачката рамка. Тоа не значи дека нема враќање назад, затоа што доколку има политичка волја од страна ЕУ се е менливо. Тоа не мора да биде со менување, туку со нов документ. Еве пример ќе дадам – Србија и Црна Гора имаа веќе преговарачки рамки по старата методологија, но кога се усвои новата методологија, беше донесен дополнителен документ со кој што се кажа дека се согласиле и тие и државите на членки на нив да се применува новата методологија и како таа ќе се применува. Значи секога постои начин кога има политичката волја. Проблемот е во немањето, во моментов, на доволно политичка волја, ниту во однос на проширувањето воопшто да влезе квалификуваното мнозинство во сите меѓу чекори, ниту пак во однос на Македонија.

Малинка Ристевска Јорданова

Прашана дали може да се каже дека сме ставени маргините на интересот на Брисел, па и на Вашингтон, Ристевска Јорданова вели дека иако е тежок збор маргинализација нема да контрира на таа констатација.

„Мислам дека за еден дел сносиме и сами вина затоа што едноставно дозволивме некои наши национални интереси да се погазат и се поделивме внатрешно по повеќе линии. И веќе кога внатрешно сме поделени секој од страна којшто има интерес, како некои соседни држави, тоа го искористија и се наметнаа во ЕУ. Вториот фактор е што Европската унија едноставно прагматично гледаше да оди чекор понапред и ако нешто политички неа не чинеше многу таа постапуваше по тоа. За жал нашата политичка цена ние ја поставувавме прениско досега“, смета Ристевска Јорданова.

Околу делот на владеење на првото и најавите на власта дека по локалните избори ќе следи демонтажа на судството и правосудството и колку ваквата реторика е возможно, Ристевска Јорданова вели токму таквата реторика е голем ризик за нашиот кредибилитет.

„Ние мораме да внимаваме на рамнотежата на властите на градењето на институциите. Тоа не е начин на којшто ние ќе прикажеме дека сме земја зрела за ЕУ“, додаде Ристевска Јорданова.

Како членка на Советот за национална безбедност кај претседателката Сиљановска Давкова, Ристевска Јорданова вели дека хибридните напади не биле, а треба да бидат, односно ќе бидат тема на разговор на ова тело.

За тоа кои би биле индикациите дека сме под безбедносен ризик, Ристевска Јорданова како членка на Советот за национална безбедност кај претседателката Сиљановска Давкова, вели дека надлежните институции треба да дадат информации за тоа кои се елементите врз кои се дошло до заклучок дека сме цел на хибриден напад.

Целото интервју со Малинка Ристевска Јорданова погледнете го во видеото.