ЗНАМ: Градоначалникот на Центар, Герасимовски да одговори – каде отидоа парите за Работнички

Мемов нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работнички“ е во застој и запраша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите.

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес конференција потенцира дека „недомаќинскиот однос на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го доведе кошаркарскиот клуб ‘Работнички’ во незавидна ситуација“.

„Долговите се големи, „Работнички“ има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“.

Фактот дека управата и градоначалникот Герасимовски не успеваат да најдат начин за исплата на средствата пред стартот на сезоната, говори дека чистењето на финансискиот хаос во клубот е невозможна мисија.

Прашање е дали „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови пред БАТ-судот на арбитража на ФИБА“ рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов. Тој го запраша градоначалникот Герасимовски дали Центар полека ја губи својата гордост Кошаркарскиот клуб „Работнички“.

„На што се должат овие долгови на клубот и зошто Герасимовски го дозволи тоа?

-Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории?
-Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар?
-Каде се потрошени издвоените пари за „Работнички“.

Мемов нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работнички“ е во застој и запраша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите.

„Работнички“ мора повторно да застане на здрави нозе, салата да биде завршена и претворена во модерен спортски центар, каде што младите од Центар ќе сонуваат за титули. Клубот да има стабилно финансирање и транспарентно работење со јасна стратегија и одговорно управување.

Мемов нагласи дека клубот „Работнички“ и City Park Boys се традиција со безброј освоени титули, радост, емоција, живот и светилник на Центар и Македонија кој мора да продолжи да свети во полн сјај.

„Однесувањето на градоначалникот Герасимовски е недомаќинско. Никој не смее да си игра со достоинството на „Работнички“ и на Центар. Храмот на спортот ќе биде изграден со помош на општествено одговорни компании кои го сакаат „Работнички“ и спортот. Имаме визија и план во кој ќе се вклучат истакнати поранешни и сегашни спортски работници и ентузијасти, вљубеници во кошарката и ќе придонесат најтрофејниот клуб на Центар да се издигне повторно на пиедесталот, каде што му е местото“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.