
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети изјавил дека Охридскиот договор е сериозно загрозен. Тој во интервју за „Клан Косова“ истакнал дека „актуелната власт во земјава е подготвена да ги закова шајките во ковчегот“.
„Во документ од 72 страници подготвен во декември минатата година, Уставниот суд покрена иницијатива за отстранување на Законот за албанскиот јазик од употреба односно јазикот да се остави на општинско и локално ниво и слободно да се зборува дома“, рекол Ахмети.
Како што тврди, ВМРО-ДПМНЕ го избрала националистичкиот пат при што ја дизајнирала платформата „Македонија повторно твоја“, што подразбира, како што вели, враќање на Македонија на Македонците и исклучување на Албанците и другите заедници.
„Тие излегоа со барање да се отвори затворена рана, повторно Хашкиот трибунал за војниците на НОВ, почнувајќи од мене, Генералштабот и другите. Тоа не ме исплаши и нема да ме исплаши“, рече Ахмети.
„Тоа беше директен напад врз Охридскиот договор, врз договорот со кој се согласивме дека Албанците ќе се издигнат на ниво на конститутивна нација“, рече Ахмети.