Карпош со најголема отвореност кон граѓаните

➡ Мерењето за 2025 година го спроведе фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ преку програмата Цивика мобилитас, во партнерство со Рурална коалиција, со поддршка од Владата на Швајцарија.

Општина Карпош има најдобри резултати од сите локални самоуправи во главниот град според Индексот на отвореност. Мерењето за 2025 година го спроведе фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ преку програмата Цивика мобилитас, во партнерство со Рурална коалиција, со поддршка од Владата на Швајцарија. Отворените податоци се клучни за доброто управување на локално ниво, бидејќи овозможуваат транспарентност, отчетност и вклученост на граѓаните.

Преку слободен пристап до квалитетни отворени податоци, јавноста добива појасен преглед во работата на локалните власти и одлуките што се донесуваат во нивно име.

Во оваа област најдобри резултати имаат Демир Хисар (38%) и Карпош (37%), додека најниско рангирани се Демир Капија, Лозово и Сопиште (4%). Преку хоризонталната област отворени податоци, Индексот ги анализира практиките на Единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), за отвореноста на податоците што ги објавуваат, односно навиките на ЕЛС за објавување информации во отворен формат што се лесно обработливи од техничка гледна точка. Исто така Карпош е најпристапна општина во скопскиот регион. Пристапноста претставува клучен
столб на доброто управување, овозможувајќи креирање на транспарентни, инклузивни и отчетни локални политики.

Од особена важност е интеракцијата со граѓаните, односно можностите за двонасочна комуникација меѓу ЕЛС и граѓаните преку наменски алатки и социјални медиуми, како и пристапноста на градоначалниците/чките и општинските органи.

Исто така се вреднува пристапот до информации и услуги каде што спаѓаат слободниот пристап до информации од јавен карактер, пристапноста на услугите и информирањето на граѓаните за работата на ЕЛС.

Оттука, според Индексот на отвореност во 2025 година, Карпош со 76% е најотворена општина во скопскиот регион. Транспарентноста и отчетноста претставуваат основни начела на доброто владеење кои треба да бидат темел на работењето на локалната самоуправа. Тие се клучни за градење и одржување на довербата на граѓаните во одлуките и работата на локалните власти. Достапноста до податоци за работењето на ЕЛС, буџетите, договорите, вработувањата и јавните набавки преку интернет, не само што овозможува граѓаните подобро да ги разберат процесите, туку и го зајакнува надворешниот надзор од страна на граѓанските организации, експертите и пошироката јавност.