
Филипче до Мицкоски: Не се заканувај дека ќе апсиш, никој не ти се плаши
➡ Сакам да му порачам. Мицкоски не се заканувај, никој не ти се плаши, кажа лидерот на СДСМ.
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) вечерва во рамки на кампањата за локалните избори од Македонски Брод упати порака до премиерот и лидер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој досега неколку пати најави дека по завршувањето на изборниот процес ќе занимава со судството и обвинителството, по што ќе следи и смена на судии и обвинители, блиски до претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Го слушам вечерва Мицкоски на една трибина се заканува дека после изборите ќе менувал судии и обвинители и ќе апсел луѓе од опозицијата. И добро е што конечно ја кажа вистината. Тоа што ние година и пол го зборуваме, дека не сака да прави реформи, дека не сака да слушне за реформи. Сака негово партиско судство што ќе го контролира, преку кое ќе прави монтирани случаи, преку кое ќе апси луѓе што тој сака да ги апси. Ништо од тоа што го сакаат граѓаните“, рече Филипче.
Според него, граѓаните одамна ја видоа намерата на власта, оти нема да прави реформи и нема да има независно судство.
„Сакам да му порачам. Мицкоски не се заканувај, никој не ти се плаши“, кажа лидерот на СДСМ.