
Трајановски ветува паметни паркиралишта, катни гаражи и нови велосипедски патеки во Аеродром
➡ Аеродром се соочува со сериозни инфраструктурни предизвици – метеж, недостиг од паркинг-простор и небезбедни пешачки и велосипедски патеки. Решенијата ги понуди кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Александар Трајановски, кој на денешната прес-конференција истакна дека неговата програма нуди конкретни мерки, а не празни зборови.
Аеродром се соочува со сериозни инфраструктурни предизвици – метеж, недостиг од паркинг-простор и небезбедни пешачки и велосипедски патеки. Решенијата ги понуди кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Александар Трајановски, кој на денешната прес-конференција истакна дека неговата програма нуди конкретни мерки, а не празни зборови.
– Во соработка со Град Скопје ќе ја завршиме изградбата на булевар АСНОМ и ќе обезбедиме нови коридори за поврзување со соседните општини. Ќе изградиме нова сообраќајница меѓу Аеродром и Кисела Вода и ќе ја реконструираме улицата Фрањо Клуз и нејзините краци – изјави Трајановски.
Тој додаде дека во секој дел од Аеродром ќе има локални реконструкции и проширувања.
– Ќе ја направиме целосната реконструкција на споредни улици во Горно и Долно Лисиче, ќе уредиме нови паркинг-простори зад ТЦ Скопјанка, ТЦ Бисер и во Ново Лисиче. Со тоа ќе го решиме проблемот со паркирањето кој со години ги мачи жителите – нагласи кандидатот на СДСМ.
Според него, посебен акцент ќе се стави на безбедноста на пешаците и велосипедистите.
– Ќе воведеме „зона 30“ во сите сервисни улици, ќе изградиме нови велосипедски патеки и ќе воспоставиме нулта толеранција за паркирање на тротоари и пешачки патеки. Кај сите училишта ќе бидат поставени нови семафори за максимална заштита на децата – рече Трајановски.
Тој најави дека проблемот со паркирањето ќе се решава со паметни паркиралишта и катни гаражи, со почитување на принципите на одржлива урбана мобилност.
– Ова се решенија што директно ќе влијаат врз секојдневието на нашите граѓани – побезбеден сообраќај, поуредени улици и поголема мобилност за сите. Заедно ќе ставиме крај на сообраќајниот хаос и ќе изградиме модерна, европска општина Аеродром – општина по мерка на граѓаните. Се бориме за нашиот дом! – порача Трајановски.
Наспроти него, Дејан Митески, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека како партија имаат изработено програма со цел да се реши проблемот со загадувањето, меѓутоа, кога станува збор за депонијата Вардариште, потребна ќе биде и поддршката од Град Скопје.
„Предвидуваме решавање на еден аспект од загадувањето со изградба на топлификациона мрежа, проект со Владата на Македонија за изградба на гасна когенеративна централа и развој на 110 км топловодна мрежа во населба Лисиче, Горно Лисиче, Долно Лисиче. Ќе отстраниме во наредниот период еден дел од причините за загадувањето“ – рече Митески.
Митески се осврна и на сообраќајот и истакна дека предвидена е изградба на нова сообраќајна инфраструктура.
„ Предвидуваме изградба на нова сообраќајна инфраструктура, нови поврзувања кои што ќе го олеснат сообраќајот и ќе го намалиме загадувањето од возилата. Предвидуваме решавање на депонијата Вардариште, заедно со градоначалникот на Град Скопје, имајќи предвид дека ни е неопходна поддршката од Град Скопје, за да можеме конечно да ја исчистиме таа депонија. Да изградиме нов парк и таа депонија да стане минато, а новиот парк да биде симбол на тоа дека ги слушаме граѓаните, се бориме заедно со нив и предвидуваме односно имплементираме решение“, рече тој.
Митески додаде дека постојано се чисти и дневно повеќе од 10 тони отпад се депонираат во депонијата Дрисла.Тој најави дека ќе се зајакнат инспекциските служби за да не создаваат диви депонии. Ќе се отвори дежурна линија за пријавување на диви депонии и ќе се формираат тимови за интервентно чистење на диви депонии кои што се создаваат секојдневно.