Шукова: Аеродром една од најзелените општини, стана една од најзапустените

➡ Аеродром од една од најзелените општини во градот Скопје, стана една од најзапустените. Сепак, состојбата не е таква само во Аеродром, состојбата е таква и во голем дел од општините во Скопје, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова.

Денеска се наоѓаме на локација каде што требаше да никне ултра модерен парк, но, за жал, и после 4 години, овој парк е во состојба каква што ја гледаме денеска. Аеродром од една од најзелените општини во градот Скопје, стана една од најзапустените. Сепак, состојбата не е таква само во Аеродром, состојбата е таква и во голем дел од општините во Скопје, изјави кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова.

Таа истакна дека нејзината визија, која денеска ја презентираше, е што позелено Скопје, што поурбано, но со одржување.

-Не само со градење на нови паркови коишто потоа не се одржуваат. За 15 месеци 15 нови паркови. Меѓутоа, не само во централниот дел на Скопје, не само во општините на Скопје, туку и во околината на Скопје. Предвидуваме во програмата зелен појас за Скопје, тоа значи подобар квалитет на воздухот за Скопје и повеќе грижа за здравјето на граѓаните на Скопје, рече Шукова.

Додаде дека се предвидува и рехабилитација на зелените површини, бидејќи овие што ги има сега се девастирани до крајност.

-Мислам дека мора да се преземе сериозна акција за реватилизација на површините. Гледаме деновиве имаме голем проблем со „Паркови и Зеленило“ и со ќерките на „Паркови и Зеленило“ ќе мора да се работи на сериозна рехабилитација на јавното претпријатие коешто треба да дава услуги на граѓаните на Скопје за да ни биде градот поубав и позелен, посочи Шукова.

Таа се осврна и на проблемот со уличните кучиња, за коа рече дека има сериозен план. – Покрај активностите на „Лајка“, сметаме дека треба да се направи ново државно прифатилиште, поголемо коешто може да го реши сериозно проблемот со уличните кучиња. Ќе разговараме со ветеринарните станици, разговаравме со здруженијата на граѓани коишто помагаат во овој процес. Потребно ни е повеќе вакцинација, повеќе чипирање, повеќе стерилизација, мораме на хуман начин да го решиме проблемот со уличните кучиња. Секако мора да разговараме и за една тема којашто е сериозна за граѓаните на Скопје-крематориум за домашните миленичиња. Покрај тоа што мораме да го решиме проблемот со уличните скитници, мора да размислуваме и на домашните миленичиња и на еден хуман третман и во однос на едните и во однос на другите, подвлече кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова

Во одговор на новинарско прашање за тоа каде би биле новите зелени површини во и надвор од градот Скопје, Шукова одговори дека надвор од градот Скопје, станува збор за околу градот Скопје за зелен парк.

-Тоа е многу добро за прифаќање на ПМ честичките она што сериозно го загадува воздухот, а имаме мапирање точно на 15 паркови, дел од нив ќе се рехабилитираат, а дел ќе бидат нови и она што го планираме е да бидат во маалата каде што имаме повеќе урбанизација, таму ни фали повеќе зеленило и мислам дека таму треба да бидеме фокусирани, рече Шукова.

Во одговор на друго новинарско прашање кое е најитното решение коешто треба да се направи за загадувањето во Скопје, одговори дека треба да се почне со сериозна работа со домаќинствата.

-Согласно сите анализи 50 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата и мора да им се помогне. Предвидовме неколку мерки во програмата, за тоа ќе говорам наредните денови, но еве ќе спомнам нешто и денеска. Предвидовме бесплатни филтри за оџаците за домаќинствата. Ова е пракса којашто е спроведена во многу европски градови и покажа резултати. Секоја година од 5 до 10 илјади домаќинства, односно за нивните оџаци каде што излегуваат голем дел од ПМ честичките, да им се постават филтри кои ќе ги задржуваат ПМ честичките. Мислам дека ова е добра и сериозна мерка која ќе го намали загадувањето на Скопје, а паралелно на ова ќе мора да се работи и со самомониторинг на индустријата за да им покажеме на граѓаните какво загадување доаѓа од индустријата, рече Шукова.

Прашана, пак, дали министерството си ја врши работата во однос на контролата на индустриските капацитети, Шукова смета дека индустриските капацитети имаат А интегрирани дозволи тие ги контролира државата, меѓутоа има и Б интегрирани дозволи коишто треба да ги контролира локалната самоуправа.

-Јас и годините наназад додека бев во министерството зборував дека општините треба малку повеќе да работат на меѓусебна соработка. Не можеме да очекуваме дека секоја општина ќе има инспектор од секоја дејност, мислам дека општините треба да почнат да соработуваат меѓу себе, да си помагаат. Една општина може да биде појака во контролата на загадувачите и да помага на другите општини, една да биде појака во делот на комуналните дејности, здружувањето мора да почне. Во Скопје е поспецифичен пример оти сите се наоѓаат во близина, меѓутоа во помалите градови, еве пример да речеме Струмица мора да помогне на општините околу нејзе, Василево, Босилово, Ново Село, не може да очекуваме дека општини од таков тип ќе имаат инспектори кои ќе можат да вршат сериозна контрола во сите дејности, мора да почнат општините меѓу себе да соработуваат, а за Скопје е најбитно општините да соработуваат со градот, односно градот со општините, рече кандидатката за граадоначалничка на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова.