
Инспекторите од УЈП кои комуницирале со синот на газдата во кочанската дискотека „Пулс“ се суспендирани се додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба, објави „Слободен печат“.
Ова доаѓа по документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), каде се наведува дека еден од инспекторите е брат на претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска.
-Во објавата беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции. Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи веднаш пристапи кон спроведување на внатрешна проверка на наводите изнесени во објавата и донесе Решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба.
-Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам, и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности. Граѓаните можат да бидат уверени дека УЈП ќе продолжи да делува исклучиво во јавен интерес, со највисоко ниво на етика, одговорност и отчетност – одговориле од УЈП.