„Има простор за задоволство, не за триумфализам. Очекуван и оправдан е триумфализмот што се појави кај нас. Ова е нашата позиција, но СПЦ, српската јавност има сосема друга позиција за разлика од МПЦ. Треба на достоинствен начин да ја примиме оваа вест. Црквата е еден од столбовите на идентитетот, на интересен начин преку црковното прашање се враќаме во минатото“ – вели Никица Корубин – поранешна пратеничка и магистар по историја на уметност и антропологија во најновото издание на Трилинг.
Таа смета дека „ова не е одлука автономна, мислам дека е политичка одлука. Преку црковното прашање Србија некако го држеше под свое регионот кој таа изворно смета дека е дел од српскиот свет“.
„Душегрижниците се оние кои се занимаваат со формата, не со суштината. Во историјата на православието немаме национални цркви, имаме сосема друг историски контекст. Затоа е битно што вселенскиот патријарх се повикува на Охридската архиепископија, почетокот на црковниот живот е побитен, отколку именувањето. ОА е нешто ште е вистинскиот автентичен приказ на историјата на Македонија“ вели Корубин.