
Мицкоски: Нема да има политичка коректност или правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава
➡ Мицкоски порача дека промените се видливи во многу сектори, меѓутоа, правосудниот сектор и понатаму останува најголема пречка во земјава. Најави дека по локалните избори годинава нема да има толеранција кон ваквите структури кои функционираат како длабока држава и го бранат криминалот, а и дека следуваат реформи, бидејќи правдата веќе не може да чека.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот митинг, со кој се започна кампањата за претстојните локални избори, и кој се одржа во Скопје во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Тој порача дека промените се видливи во многу сектори, меѓутоа, правосудниот сектор и понатаму останува најголема пречка во земјава. Мицкоски најави дека по локалните избори годинава нема да има толеранција кон ваквите структури кои функционираат како длабока држава и го бранат криминалот, а и дека следуваат реформи, бидејќи правдата веќе не може да чека.
„Овие година и половина секаде започнавме со промени, со заздравување на атрофираниот и заболен систем во распаѓање, и секаде вложуваме труд, од образование, здравство, до економија и земјоделие. Промените се чувствуваат: некаде има повеќе резултати, некаде тие се со послабо од очекуваното темпо, но секаде правиме промени. Морам да признаам дека не сум задоволен од функционирањето на правосудниот систем, кој стана главното упориште на неправдите во државата, таму ќе ги најдете аргатите на системот кој го поразивме и нивните заштитници. Последната брана за правдата во Македонија. И ќе бидам брутално искрен околу дебатата што ја наметнуваат, како сум можел да кажам дека платите на судиите и обвинителите не ги заслужувале. Со чест на исклучоци, сметам дека не само што не ги заслужуваат, туку им се и преценети во однос на тоа колку испорачуваат правда“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека по изборите нема да има ниту политичка коректност, ниту правна толеранција за структурите кои функционираат како длабока држава и кои го штитат криминалот, а додаде и дека следуваат реформи кои ќе обезбедат правична држава и држава на народот без поделби и паралелни системи.
„Клановската екипираност и нивните отворени релации ги направија да се ѕид на правдата и штит на криминалот на апаратот што го менуваме. Сакам да најавам дека после локалните избори нема да има ниту политичка коректност, ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот. Следуваат реформи за кои знам дека некои платени мегафони ќе паѓаат во несвест, но овој пат мора да не биде. Не може веќе правдата да чека, ниту да функционираме во две паралелни, нееднакви Македонии. Доаѓа времето на правда, а Македонија ќе биде само една, таа на народот, таква каква што ја заслужува. Има само една Македонија. Македонија на народот“, кажа Мицкоски.