
Руски експерти ја следат можната испорака на ракети „Томахавк“ за Украина
➡ Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков наведе дека важно да се разбере дали крстосувачките ракети „Томахавк“ ќе бидат наведувани и лансирани од украинска територија од Американци или од Украинци.
Русија денеска соопшти дека нејзините воени експерти ја следат можната испорака на американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, но оти тие нема да ја променат ситуацијата на бојното поле.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков наведе дека важно да се разбере дали крстосувачките ракети „Томахавк“ ќе бидат наведувани и лансирани од украинска територија од Американци или од Украинци.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски побара од Вашингтон да му продаде ракети „Томахавк“ на европските држави, кои потоа ќе и ги дадат на Украина.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс синоќа за „Фокс њуз“ (Fox news) изјави дека САД го разгледуваат украинското барање за испорака на ракети „Томахавк“.
– Секако дека ги разгледуваме неколкуте барања на Европејците, посочи Венс.
Тој додаде дека конечната одлука за испорака на ракетите „Томахавк“ ќе ја донесе американскиот претседател Доналд Трамп.
Ракетата „Томахавк“ има дострел до 2.400 километри и боева глава од 450 килограми. Поранешниот американски претседател Џо Бајден одби да и испорача на Украина ракети „Томахавк“.