
Шестнаесет кандидати од кои само една жена во битка за градоначалничката фотелја на Данела Арсовска
Скопјани на Локалните избори 2025 ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати, од кои само една жена. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати, од кои 398 жени.
Скопјани на Локалните избори 2025 ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати, од кои само една жена. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати, од кои 398 жени.
Кандидати за градоначалник на Скопје се Орце Ѓеорѓиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Каја Шукова, поддржана од СДСМ и коалицијата, Драган Николовски, поддржан од група избирачи, како и Сашо Маневски, Зоран Јованоски од Единствена Македонија, Амар Меционовиќ од Левица, Демир Исмаил од Сојузот на Ромите, Владимир Куноски од Работничка партија, Александар Тортевски од Партија Твоја, Срџан Амет од Политичка партија Унија на Роми Скопје, Александар Трајановски поддржан од ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, Вангел Божиноски од Родина Македонија, Скендер Реџепи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ, Владимир Трајковски од Македонска ера трета/Македонски независни листи-Суверенисти, Горан Марковски поддржан од Независни заедно и Алексадар Рашковиќ од ТМРО.
За споредба на минатите локални избори во 2021 година имало 12 кандидатури за градоначалник и 95 советнички листи.
На овие избори најинтересни ќе бидат гласањата за неколку општини меѓу 80-те и Градот Скопје. Секако, приматот тука го има Градот Скопје, а од скопските општини Центар и Чаир.
Во скопската општина Аеродром кандидати за градоначалници се Славко Мишура поддржан од Група избирачи, Марјан Димитриев од Левица, Владимир Михајловски од ТМРО, Дејан Митевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Александар Трајановскиа од СДСМ и коалицијата и Дејан Лазаревски поддржан од коалицијата ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.
Во Аеродром, каде локалниот совет има 27 члена, поднесени се 10 листи за советници со 270 кандидати.
Во Бутел има четворица кандидати за градоначалници и тоа Оливера Ливриниќ поддржана од коалицијата предводена од СДСМ, Исамедин Азизи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ, Дарко Костовски од коалицијата предвоена од ВМРО-ДПМНЕ и Бехар Емини од Влен.
Во општина Бутел има 19 советници, а поднесени се 19 листи со 228 кандидати.
Во Гази Баба има седдумина кандидати за градоначалник: Златко Тренчевски поддржан од Левица, Зоран петковски од партијата Демократи Скопје, Влатко Митовски од коалицијата предводена од СДСМ, Бобан Стефковски поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Мајкиќ од Единствена Македонија, Влатко Утевски од Македонска Ера Трета / Македонски Независни Листи – Суверенисти и Тоне Димковски од Работничка партија.
Гази Баба има 27 членови на советот. За овие локални избори поднесени се 12 листи за советници со 324 кандидати.
За градоначалник на скопската општина Ѓорче Петров има четворица кандидати и тоа: Александар Димитријевиќ поддржан од Левица, Костадин Ацевски од коалицијата предводена од СДСМ, Љупчо Јаневски од коалицијата ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР и Александар Стојкоски поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓорче Петров има 23 членови на советот. Поднесени се седум листи за советници со 161 кандидат.
Во Карпош има поднесено пет кандидатури за градоначалник. Сотир Лукровски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Димитров од Левица, Стевчо Јакимовски поддржан од коалицијата на ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, Маја Мојсова Мијовска од коалицијата предводена од СДСМ и Невена Георгиевска поддржана од Група избирачи.
Во скопската општина Карпош има 27 советници. За Локалните избори 2025 поднесени се 10 листи со 270 кандидати.
Седдумина кандидати за градоначалник има во Кисела Вода. Марко Ташков поддржан од Група избирачи, Кети Сталеска исто така поддржана од Група избирачи, Јане Ацевски од Левица, Горан Трајковски од СДСМ и коалицијата, Бети Стаменскоска – Трајкоска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Оливер Поповски поддржан од коалицијата ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР и Марко Салџиевски од Твоја партија.
Кисела Вода има 27 членови на советот. За овие избори поднесени се 9 листи за советници со 243 кандидати.
Во Сарај има четворица кандидати за градоначалник и тоа: Мухамет Елмази од Влен, Ремзи Мамути независен кандидат за градоначалник, Тензи Белули од Демократи и Блерант Рамадани поддржан од коалицијата предводена од ДУИ.
Советот во оваа скопска општина има 19 членови, а поднесени се три листи со 57 кандидати.
За скопската општина Центар има пет кандидатури: Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, Горан Герасимовски поддржан од коалицијата предводена од СДСМ, Марија Среброва од Левица, Билјана Ивановска од група избирачи и Лидија Ѓорѓевиќ од Македонска ера трета.
Во Центар има 23 членови на Советот. За изборите поднесени се 9 листи со 207 кандидати за советници.
Тројца кандидати за градоначалник има во скопската општина Чаир: Ицо Колевски од Работничка партија, Бујар Османи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ и Изет Меџити од Влен.
Чаир има 27 членови на локалниот совет. Поднесени се девет листи за советници со 243 кандидати.
Најмногуи кандидати за градоначалник од скопските општини има во Шуто Оризари – осум. Кандидирани се: Шабан Салиу од Демократски сили на Ромите, Елвис Бајрам од Сојуз на Ромите, Северџан Илјаз од Политичка партија ДЕМОКРАТИ Скопје, Ќамуран Сејди од Демократска партија на Ромите, Едис Хасан од коалицијата предводена од СДСМ, Курто Дудуш од Политичка партија Унија на Роми Скопје, Ѓеѓе Демировски од Бошњачки демократски сојуз и Ерџан Демир поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Шуто Оризари има 19 членови на локалниот совет. За овие избори поднесени се седум листи за советници со 133 кандидати.
Локалните избори 2025 се закажани за 19 октомври (втор круг 2 ноември), а денеска е првиот ден од дваесетдневната изборна кампања.