Седењето на две столици има цена, Русија не му нуди алтернатива на Вучиќ за санкциите од САД

Хрватскиот портал Index.hr објави анализа според која Москва не понудила „кризни алтернативи“ за Србија во месеците откако Вашингтон најави активирање на санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), каде мнозински сопственик е Газпром.

Хрватскиот портал Index.hr објави анализа според која Москва не понудила „кризни алтернативи“ за Србија во месеците откако Вашингтон најави активирање на санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), каде мнозински сопственик е Газпром.

Во анализата се тврди дека вклучувањето на мерките е закажано за 8 октомври и дека тоа би ја оставило земјата со дефицит на нафта веќе од почетокот на 2026 година. Во анализата се спомнува и дека Хрватска преку ЈАНАФ довршува една голема испорака пред истекот на роковите. Како дополнителен ризик се наведува и најавата дека Бугарија од 1 јануари ќе го прекине протокот на руски гас, што индиректно ја погодува и Србија.

Авторот оценува дека настапот на Кремљ „ја оголил“ реалноста во односите со Белград бидејќи, и покрај тоа што Србија не воведе санкции кон Русија по инвазијата врз Украина, руска поддршка за ублажување на ударот нема. Од американска страна, текстот потсетува на воведувањето 35% царини за одредени српски производи и заклучува дека политичките обиди да се одржат добри односи со администрацијата на Доналд Трамп не го измениле курсот на Вашингтон.

Во ваква рамка, Index.hr пренесува и сценарија што кружат меѓу српски економисти и коментатори: принудна национализација на НИС како „чист пресек“ со руското сопствеништво или контролирана постапка на стечај со договор со руската страна и со усогласување со американските барања да не се финансира Русија за време на војната. Укажано е дека политичката цена на секоја опција би била висока, а дека безбедноста на снабдувањето со нафта и гас ќе стане клучна тема на почетокот на 2026.

Анализата носи и регионален тон: потенцијалната соработка Белград–Загреб околу транзитот на нафта преку ЈАНАФ е опишана како чувствителна политичка тема, иако технички би помогнала да се амортизираат последиците од санкциите. Во целина, текстот ја чита енергетската криза како тест за српската надворешна политика меѓу Вашингтон и Москва и за границите на „стратегијата на седење на две столици“.