Надградбата на преминот Евзони ќе ги намали гужвите, но воведувањето на ЕЕС системот може да го отежне функционирањето

Сликата на македонско-грчката граница од летните месеци со редици автомобили и по неколку километри, поради зголемената фреквенција на возила се очекува да се смени откако ќе заврши надградбата на граничниот премин Евзони, што го најави Министерството за внатрешни работи на Грција, проект во висина од 24,6 милиони евра, но од друга страна пак новиот систем (ЕЕС) за влез и излез што пилотски стартува на 12 октомври може дополнително да го отежне функционирањето на преминот, како што за МИА посочува претседателот на Унијата на полицајци од Килкис Христос Карјотудис.

– Има гужви на граница? Колку време се чека за влез во Грција? Во колку е најдобро да тргнеме за да ги избегнеме колоните? Да одиме преку Богородица или преку Дојран? Беа најчесто поставуваните прашање во изминатите месеци на социјалните мрежи во групите за туристи, пред сè од Балканот, кои разменуваа искуства за нивниот летен одмор во Грција и како најлесно и најбрзо да стигнат до нивната дестинација.

Не е мал бројот на оние кои чекале и над три часа за влез во Грција, а за македонска туристка, како што сведочи за МИА, патувањето од Скопје до вториот крак на Халкидики траело речиси 11 наместо пет часа, доколку на граничниот премин немаше гужви.

Сето ова се очекува да се смени откако ќе заврши надградбата на граничниот премин Евзони, што го најави Министерството за внатрешни работи на Грција, проект во висина од 24,6 милиони евра, но од друга страна пак новиот систем (ЕЕС) за влез и излез што пилотски стартува на 12 октомври може дополнително да го отежне функционирањето на преминот, како што за МИА посочува претседателот на Унијата на полицајци од Килкис Христос Карјотудис.

Проектот „Надградба на граничниот премин Евзони – Килкис“ на Министерството за внатрешни работи на Грција, предвидува архитектонска и енергетска надградба на постоечките објекти и инфраструктура; сообраќајна надградба на патната мрежа преку прераспоредување на активностите, како и обезбедување на потребните услови за значително подобрување на услугите за пасошката, царинската, фитосанитарната и ветеринарната контрола, а соодветната одлука од надлежниот министер беше потпишана минатиот месец.

За модернизацијата на преминот од грчка страна, извори од надлежното грчко министерство за МИА објаснуваат дека целта е токму да се намали чекањето, особено во летните месеци, посочуваат дека станува збор за голем проект, додека пак додека траат работите, граничниот премин ќе функционира нормално и без проблеми.

Граничниот премин Богородица од денеска официјално е отворен само за транзит  на странци со што е забележано поголемо присуство на возила кои без проблем ја минуваат нашата граница, но се вра

Во летниот период дневно за влез во Грција се проверуваат меѓу 15 и 25 илјади пасоши

Претседателот на Унијата на полициски службеници од Килкис во разговор со дописничката на МИА од Атина, позитивно ги оценува најавите за надградбата, но од друга страна изразува загриженост за функционирањето на новиот систем ЕЕС и оценува дека тоа може донесе дополнителни доцнења и зголемување на времето на чекање на границите.

Карјотудис коментира дека кога граничниот премин бил изграден пред многу години, не било предвидено дека ќе има толку голем број туристи и возила во летниот период со резултат, лентите и за влез и за излез од земјата да не се доволни, па затоа и се создаваат редици.

За влез во Грција се девет до десет ленти, а за излез се двојно помалку.

– Во текот на летниот период имавме од 15 до 25.000 лица дневно, во зависност од денот. Со надградбата, од она што го имаме ние како информација, планирано е да се зголеми бројот на сообраќајните ленти и за влез и за излез. Колку точно ќе бидат не знам сигурно, можно е да бидат дополнителни две при влез и дополнителни две за излез, објаснува Карјотудис.

Дополнително изразува надеж дека со надградбата ќе се намалат гужвите и редиците и ќе биде полесен и влезот и излезот, а се осврнува и на нивното континуирано барање за зајакнување на персоналот.

– Ние, како Унија на полицајци постојано баравме да се зголеми персоналот. Оваа година беше првпат кога државата одговори позитивно со дополнителен персонал, со дополнителни околу 20-25 полицајци, но констатиравме дека ниту овие не се доволни со оглед на зголемениот патнички сообрќај. Па така за да кажеме дека следната година ќе функционира правилно преминот, доколку се надгради, односно ако се зголеми бројот на ленти, ќе ни бидат потребни сигурно уште 40 колеги полицајци, објаснува за МИА претседателот на Унијата.

Од 12 октомври ќе започне и системот за влез и излез на Европската Унија

Паралелно, со надградбата на граничниот премин, според надлежното Министерство, Грција ќе се усогласи и со соодветните ЕУ регулативи што ја уредуваат прекуграничната размена на лица и стоки, како што се: Регулативата за системот Шенген, Системот за влез-излез (ЕЕС); Системот ЕТИАС, со Европската гранична и крајбрежна служба ФРОНТЕКС (ЕУ 2019/1896), Царинскиот кодекс на ЕУ) и со Фитосанитарните и ветеринарните регулативи.

На 12 октомври започнува пилотски системот за влез/излез, односно за регистрација на државјани на трети земји што ќе се имплементира постепено и во фази, а предвидува земање биометриски податоци, односно отисок од прст и фотографија.

– Проблемот е во тоа што оој систем, онака како што е планиран, конкретно за копнениот граничен премин Евзони каде што најголемиот дел од патниците се од трети земји, односно вон ЕУ, од Северна Македонија, од Србија итн., системот дополнително ќе ја отежне работата и функционирањето на самиот премин и дополнително може да се зголеми времето на чекање, коментира претседателот на Унијата на полициски службеници.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, соопшти Автомото сојузот

Објаснува дека за нив како полицајци, би требало овој процес да се спроведува во самите земји од каде што се патниците, како на пример во амбасадите или конзулатите и да пристигнуваат со готови податоци.

– Во однос на персоналот, полицајците се подготвени за употреба на системот, обучени се, но пред неколку дена при проба на новиот систем, падна целиот систем на Евзони. Можеби падна затоа што нема доволни интернет линии за да го поддржат, можеби не беше правилно воведено спроведувањето, но како и да е, некаде се појави проблем и сè се блокираше, вели Карјотудис за МИА.

Посочува дека добра околност е тоа што воведувањето започнува сега, а не во летниот период и ќе има време да се разработи.

Во однос на тоа колку е Грција подготвен за воведувањето на конкретниот систем и како точно ќе функционира, дописничката на МИА од Атина побара одговор од портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на редовниот брифинг со новинарите пред десетина дена.

– Грција се прилагодува на секој систем, што мора да го има една земја-членка, една држава-членка. Но за повеќе детали подобро е да се информиран од ко-надлежните министерства, бидејќи не е надлежно само едно министерство, рече Маринакис.

Владата на Кирјакос Мицотакис, исто како и во претходниот мандат така и сега, ќе продолжи да ги брани националните интереси, без најмала отстапка на сите нивоа, рече, меѓу другото, новиот вла

Новите правила за влез во ЕУ беа презентирани на брифингот во Делегацијата на ЕУ во Скопје пред две седмици, каде што беше објаснето дека постепената примена започнува од 12 октомври и ќе трае во следните шест месеци, по што ќе се применува на сите влезни точки во Шенген зоната.

– Се регистрира секој влез, излез и евентуално недозволување на влез. Има две главни цели. Прво е јакнење на безбедноста на границата-сакаме да знаеме кој влегува и кој е во Шенген зоната, како и да се идентификуваат луѓето кои влегуваат за да се намалат измамите со идентитет, но и да се намалат злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој. Второ е ефикасност и брзина. Откако ќе биде целосно имплементиран се очекува да биде побрзо и полесно влегувањето во ЕУ, посочија тогаш од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Имплементацијата на системот, како што тогаш објави МИА предвидено е да се одвива во четири фази и секоја од земјите од Шенген зоната ќе има своја динамика на имплементација, но генерално: во првата фаза – 30 дена од почетокот на неговата примена е 10 проценти од сите патници кои влегуваат во Шенген зоната на ЕУ да бидат согласно новиот систем, втората фаза предвидува да бидат опфатени 35 проценти во првите 90 дена од примената, третата фаза е до 150 дена да бидат опфатени половина од патниците и четвртата фаза е 170 дена од примената да бидат опфатени сите патници во Шенген зоната.

Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Грција