
Минчев: Партиските привилегии на товар на граѓаните завршуваат – јавниот сектор ќе работи за граѓаните, а не за партиите
„Имаме институции кои постојат само на хартија, со по неколку вработени и преклопени надлежности. Тие не се вистински институции, туку симболи на неефикасност и расфрлање на државните пари. Со нивно спојување и оптимизација ќе обезбедиме рационализација – помалку трошоци, подобра координација и поефикасни услуги за граѓаните“, вели Минчев.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев порача дека започнува процес на рационализација на јавниот сектор – намалување на членовите на управните и надзорните одбори, укинување и спојување на непотребните институции и воведување јасни правила за професионално управување.
„Доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии. Управните и надзорните одбори со години беа структури со преголем број членови, со сомнителни критериуми и без отчетност. Тоа е неприфатливо. Ќе воспоставиме ред – помалку одбори, помалку членови и избор само на професионалци со знаење, стручност и компетенции, а не со партиска книшка“, изјави Минчев за „Вечер“.
Тој децидно нагласи дека ќе се стави крај и на нефункционалните институции:
„Имаме институции кои постојат само на хартија, со по неколку вработени и преклопени надлежности. Тие не се вистински институции, туку симболи на неефикасност и расфрлање на државните пари. Со нивно спојување и оптимизација ќе обезбедиме рационализација – помалку трошоци, подобра координација и поефикасни услуги за граѓаните.“
Минчев додаде дека Владата е решена да изгради модерна и професионална администрација:
„Подготвуваме нов закон за висока раководна служба со кој ќе ја искорениме партизацијата при избор на функционери. Никој повеќе нема да биде назначен по партиска книшка, туку според знаење, искуство и стручни вештини. Тоа е реформата што Македонија ја заслужува.“
Министерот потсети дека Владата веќе покажа конкретни резултати:
„Со укинувањето и фузионирањето на Инспекцискиот совет во рамки на МЈА, заштедивме околу 300.000 евра годишно. Со замрзнувањето на платите на функционерите покажавме дека сме подготвени прво да почнеме од себе.
-Продолжуваме со суштинските реформи – намалување на одборите, оптимизација на нефункционалните институции и намалување на партиските привилегии“, заклучи Минчев.