Црвените линии на Филипче денеска на маса?

Јавноста веќе еден месец е во очекување Филипче да ги објави црвените линии што ги најави кон крајот на август, но по првичната негова најава за објавување на овој документ, од СДСМ појаснија дека земјава е во предизборен период и дека може да биде злоупотребена резолуцијата, па затоа ја подготвуваат во широка консултација со експерти и со партнери и дека немаат намера да брзаат.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска треба да ја објави драфт-верзијата за резолуцијата за црвените линии на земјава во однос на преговорите со Европската Унија.

Јавноста веќе еден месец е во очекување Филипче да ги објави црвените линии што ги најави кон крајот на август, но по првичната негова најава за објавување на овој документ, од СДСМ појаснија дека земјава е во предизборен период и дека може да биде злоупотребена резолуцијата, па затоа ја подготвуваат во широка консултација со експерти и со партнери и дека немаат намера да брзаат.

Претседателот на опозициската партија апелира сите политички чинители да дадат свои мислења и предлози во однос на резолуцијата за да се постигне заеднички став за европската перспектива на државава и појасни дека документот не бил готов досега затоа што се работел со широки консултации со експерти. Ставот на Филипче е дека ова е работна верзија, отворена за јавна и за политичка дебата, а не готово решение и очекува сите партии во Собранието да дадат свој придонес за да се изгради еден заеднички став за најважната тема во моментов за државава.

– Многу внимателно пристапивме кон овој процес. Темата е чувствителна и бараше консултации со многубројни експерти од правото и од меѓународното право. В четврток ќе ја презентираме работната верзија – наш предлог што го ставаме на маса за сите политички партии и субјекти во Собранието. Само со единство можеме да ги отвориме поглавјата, да го фатиме чекорот со Албанија и со Црна Гора и да ја обезбедиме нашата европска иднина – изјави Филипче во вторникот.

На почетокот од овој месец, лидерот на СДСМ беше и на средби во Париз, средби кои, како што соопштија од партијата, „биле во функција на јакнење на поддршката за Македонија и промоција на резолуцијата што ја подготвува СДСМ како вин-вин решение за државата и за граѓаните”.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во неколку наврати изјави дека едвај чека да го види документот, па потоа да коментира за него, но посочи и дека СДСМ во минатото не ги почитувал усвоените декларации. Мицкоски е дециден дека приоритет на Владата се европските интеграции, но дека тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен.