Сиљановска Давкова – Гутереш: ОН треба да останат главната арена за справување со светските проблеми

- ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030. Затоа се потребни суштински реформи, преку јакнење на репрезентативноста и демократизацијата на Генералното собрание и на Советот за безбедност, истакна претседателката на срдбата со генералниот секретар на ОН.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Обединетите нации во Њујорк, имаше средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Како што јави известувачот на МИА, средбата е во рамки на работната посета на претседателката на САД и учеството на 80. Сесија на Генералното собрание на ОН.

Сиљановска Давкова на средбата изрази почит кон улогата на Гутереш како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.

– ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030. Затоа се потребни суштински реформи, преку јакнење на репрезентативноста и демократизацијата на Генералното собрание и на Советот за безбедност, истакна претседателката на срдбата со генералниот секретар на ОН.

Нагласувајќи ја важноста на женското лидерство, таа укажа дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.

Според неа, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава, резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција.

Сиљановска Давкова му се заблагодари на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.

Во соопштението од кабинетот на Гутереш, пак, се наведува дека генералниот секретар и претседателката разменија мислења за случувањата во Западен Балкан, вклучително и процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Тие разговараа и за соработката меѓу Обединетите нации и Северна Македонија.

По средбата со Гутереш, Сиљановска Давкова, во Постојаната мисија на ЕУ во Њујорк, ќе присуствува на ручекот што за лидерите од Западен Балкан го организира високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Според агендата, таа ќе присуствува и на церемонијата организирана од страна на Атлантскиот совет за доделување награди за глобални граѓани, како и на приемот организиран од меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова синоќа присуствуваше на приемот што го приреди американскиот претседател Доналд Трамп.

Предвидено е, таа утре да има обраќање на 80. Сесија на Генералното собрание на ОН.

Сиљановска Давкова: Крајно време е да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување