
Кој е Џејми Караматиќ – новиот генерален директор на Рудникот САСА
Џејми Караматиќ од 19 септември официјално ја презеде функцијата генерален директор на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица. Тој го замени Крис Колбурн, кој претходно оваа година беше унапреден во главен оперативен директор на групацијата Централ Азија Металс (CAML).
Џејми Караматиќ од 19 септември официјално ја презеде функцијата генерален директор на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица. Тој го замени Крис Колбурн, кој претходно оваа година беше унапреден во главен оперативен директор на групацијата Централ Азија Металс (CAML).
Караматиќ е искусен рударски инженер со повеќе од 20 години меѓународно работно искуство во подземни и површински рударски операции. Во својата кариера стекнал значајна техничка експертиза и оперативен фокус преку раководни функции на различни рударски проекти низ светот. Меѓу придонесите, како што се вели во соопштението од рудникот, се истакнуваат раководењето со техничките функции на шест рудници во компанија во Саудиска Арабија, каде што, според неговите извештаи, биле постигнати значителни подобрувања во оперативните перформанси. Како технички директор во фирма во Австралија, тој предводел тим од над 30 инженери, геолози и геодети кои управувале со три подземни рудници за бакар, а истовремено имал и искуство како главен оперативен директор во компанија што управувала со неколку подземни рудници и постројки за преработка на руда во Австралија.
Како генерален директор на Рудник САСА, Караматиќ ќе ја води целокупната оперативна работа на рудникот и ќе биде одговорен за реализацијата на краткорочните и долгорочните стратешки цели. Во неговите клучни приоритети се обезбедување на безбедно, ефикасно и одржливо производство, надгледување на финалната реализација на капиталните проекти и продолжување на транзицијата кон нови рударски методи со цел понатамошен развој и технолошки напредок на САСА.
-Импресиониран сум од сè што досега го видов во САСА, почнувајќи од професионалноста, стручноста и посветеноста на тимот, до постигнатите резултати во областа на безбедноста, условите за работа и благосостојбата на вработените, како и севкупниот технолошки напредок и односот кон животната средина. Имам исклучително позитивен прв впечаток. Сметам дека САСА е во одлична позиција да продолжи со идниот одржлив развој и верувам дека со заедничка работа со тимот на САСА и поддршката што ја добиваме од Централ Азија Металс, ќе продолжиме и понатаму да ја унапредуваме нашата целокупна работа, на начин кој создава вредност за сите – за вработените, инвеститорите, деловните партнери, локалната заедница и националната економија, изјави Караматиќ по неговото назначување.
Караматиќ добро го познава регионот, имајќи семејни корени од Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, што според упатените може да му помогне при унапредување на комуникацијата и соработката со локалните чинители. Покрај професионалните ангажмани, тој е пасиониран велосипедист на долги патеки и риболовец.
Со новото назначување, од раководството на Централ Азија Металс се очекува засилен фокус на технолошки иновации и далечински/модернизирани рударски практики кои ќе обезбедат одржливо производство и зголемување на вредноста за заинтересираните страни. Рудникот САСА останува еден од важните капацитети за експлоатација на олово и цинк во земјата, со значајна улога во локалната економија и вработеноста во Македонска Каменица.