
(ВИДЕО) Трилинг: Кои центри на моќ имаат интерес да оперираат во Македонија
➡ Колку трагедии, пожари и убиства треба да се случат, на колку коруптивни зделки дневно треба да бидеме сведоци за да констатираме дека „системот е девастиран, распаднат, нефункционален и треба да се промени“? ➡ Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со Хајди Штерјова Симоновиќ, Национален координатор на мрежата против насилство врз жената и семејно насилство, поранешните министри за внатрешни работи и за одбрана Павле Трајанов и Лазар Еленовски како и политикологот Тоше Зафиров.
„Живот на Росица можно е да беше спасен доколку се постапеше согласно сите утврдени законски и подзаконски процедури и правила кои што ги имаме во државата“, изјави за магазинот „Трилинг“ Хајди Штерјова Симоновиќ, Национален координатор на мрежата против семејно насилство врз жената и семејно насилство.

Околу изјавите на министерот за внатрешни работи дека МВР навремено реагирало и притоа вината ја префрли во обвинителството и судството, Штерјова Симоновиќ вели дека ја немаме целосната слика што точно се случувало во изминативе месеци во животот на Росица за точно да можеме да дијагностицираме и да покажеме со прст „тој е крив“.
„Системот затаил. Не може истото обвинителство што го водело случајот да истражува дали самото тоа обвинителство направило некаков пропуст. Истото се однесува и на постапувањето на судот. Ние во овој момент како организација која ги застапува правата на жените и пред се заштита на жртвите не можеме точно да посочиме каде е вината. Многу работи прочитавме но тоа се сепак само фрагменти од една целосна слика. Но една од работите што ги имаме и во барањето што го испративме во реакцијата заедно со останатите женски организации е да се спроведе целосна, темелна и објективна истрага“, потенцира Штерјова Симоновиќ.

„Државата ја потпалуваат политичките партии. Тие се главни носители на мирот, стабилноста, но и на нестабилноста или нарушување на мирот во државата“, смета поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов и додава дека системот не ни функционира така како што е предвидено и конципирано. Генерално како оценка тоа би било дијагнозата на нашата држава“, вели во интервју за „Трилинг“ Павле Трајанов, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и поранешен министер за внатрешни работи.
За тоа кои се тие центри на моќ, внатрешни и надворешни, кои се обидуваат да ја дестабилизираат државата а за кои предупредува премиерот Мицкоски, Трајанов вели дека информациите кои се од сензитивен карактер, со висок степен на доверливост прв што ги добива е претседателот на Владата и претседателот на државата и тие располагаат со тие информации.
„Генерално прашање е како и на кој начин функционира системот или кризниот менаџмент за спречување на кризи, начин на дејствување на Дирекцијата за заштита и спасување, посебно Центарот за управување со кризи. Тие се две институции кои во основа треба да се грижат за сузбивање или спречување на можни настани вклучително и од пожари. Проблем е што тој систем не е реформиран. Значи осум години се работи на реформирање на системот.
Околу тоа дали можеше да се превенира ова што се случи со Трубарево, Вардариште, Дрисла и дали овие нови облици на т.н еко тероризам се на сцена сега, Трајанов вели дека главната улога на целокупниот систем, на полицијата, на службите за безбедност, АНБ, разузнавањето, Министерството за одбрана и посебниот сектор кој исто така има за превенција од тероризам, вклучително и Дирекцијата за заштита и спасување е да превенираат.
„Но во многу сегменти мислам дека ние имаме распаднат систем. Земете ја железницата како пример во каков тотален распад е. Се на се ние немаме разработено систем како како држава ќе дејствуваме во услови на криза, во услови на терористички акт, во услови на пожар од поголем обем“, вели Трајанов.
Говорејќи за тоа дали реално постојат сериозни закани за стабилност врз државата, Трајанов смета дека Македонија е на ниско ниво на загрозеност од терористички закани или напади, но тие оценки брзо се менуваат.
-Многу е лесно да префрлите дека ние сме под некакви геополитички напади бидејќи сме членка на НАТО, но тоа е апсолутно неточно. Во целост ги спроведуваме политиките на НАТО и ЕУ и немаме никакви стратешки напади врз државата, смета Трајанов.

„На едно ниво хибридните закани се секојдневие, некоја нормала работа, но има повисоко ниво каде зборуваме за некоја геополитика каде што посебно големите сили учествуваат во хибридни напади на нивните, благо кажано, главни конкуренти. Постојано слушаме за некои руски, кинески хибридни напади врз западната инфраструктура. Ние во рамките на таа инфраструктура (западна) во која што реално припаѓаме сме еден минорен дел и мислам дека конкретно кон нашата држава тоа се минорни активности. Јас не знам зошто би биле – правите хибриден напад од геополитички интерес поради некаков интерес. Геополитичкиот интерес во Македонија за Кина или Русија скоро и да го нема, вели во интервју за „Трилинг“ Лазар Еленовски, поранешен министер за одбрана и екс амбасадор во Брисел.
За пожарите кои ја опфатија Македонија а беа протолкувани дека се хибридни напади, дека во нив има инсталирано странски служби, внатрешни центри на моќ кои создаваат или прават обид за дестабилизација на државата и ако премиерот го дели ова мислење сервирано од домашните тајни служби, тогаш кој би можел да биде инспираторот и дали како земја членка на НАТО треба да ги информираме нашите сојузници, Еленовски вели дека кога се работи за пожарите ја повторуваме грешката која е стара веќе 30 години.
„Секогаш некој друг ни е крив и тоа мислам дека ни е главен проблем во менталитетот и нешто што мора да го смениме. Било тоа дали се работи за пожари, за претходни несреќи кои ни се случувале во државата секогаш некој друг ни е крив. Ние не научивме дека треба да ја преземеме одговорноста и да го смениме системот реално а не со пароли. Еве сега почнуваат локалните избори сите се борат против корупцијата а ние не видовме реална борба против неа. До ден денес борба против корупцијата во Македонија не постои“, вели Еленовски и додава дека најлесно е вината да се префрли на некој друг и жално е што немаме научено да работиме на ниво на консензус.
„Еве и сегашната влада бараше од претходната влада за некои битни прашања за државата да се работат на база на консензус, но како што ги гледаме чекорите, еве веќе година ипол, она го повторува патот на претходната влада. За жал ние сѐ уште не сме спремни на демократско и зрело политичко ниво за да пристапиме кон еден таков модел на менаџирање на нашата држава. Затоа и ни се случуваат сите овие работи“, смета Еленовски.

„Тврдењата дека одредени центри на моќ, внатрешни и надворешни, се обидуваат да ја дестабилизираат државата, е многу изнасилена и пребрза изјава која што премиерот ја даде“, вели за „Трилинг“ политикологот Тоше Зафиров.
-Во овој случај претпоставувам дека намерата е да се сврти вниманието кон она што премиерот го тврди, но се изоставува делот дека можеби ваквото тврдење ќе предизвика паника. И сега, по ланецот на случувања коишто би требало да следуваат после едно вакво тврдење, во најмала рака би требало да се свика Советот за безбедност и сите директори на безбедносните структури и агенции да реферираат, за да сепак се види за какво тврдење се работи и кои се индициите“, вели Зафиров и додава дека откако сме членка на НАТО се префрла и во северно-атлантскиот совет, односно комитетите во рамките на НАТО кои исто така би требало да ја разгледаат ситуацијата односно кои се хибридните напади, затоа што во рамки на еден од столбовите на НАТО е и кризното менаџирање, што претпоставува дека овозможува механизми на помош во вакви ситуации како што тврди премиерот.
-Затоа сметам дека не треба да се избрзува, треба добра проценка да се направи пред било каков ваков тип на тврдење да се изнесе во јавност, вели Зафиров.
За тоа дали препознава разногласие во државно владиниот врв со оглед на тоа дека премиерот Мицкоски предупредува од своевидна диверзија од внатрешно и надворешно влијание, а од друга страна претседателката Сиљановска не гледа потреба од свикување на Советот за безбедност иако пред нешто повеќе од месец дена на последната седница на Советот ќе констатира дека состојбата е стабилна и под контрола и не се очекуваат закани под безбедноста и дека проблемите во соседството немаат директно влијание врз земјата, Зафиров вели дека во најмала рака треба да се гледа и перспективата на граѓаните затоа што со ваквото разногласие се оддава впечаток дека службите или не се подготвени или станува збор за некоја игра во позадина и се предизвикува сомнеж и несигурност.
„Она што е симптоматично е дека и после вакво тврдење на премиерот сѐ уште нема свикување на Советот за безбедност. Кон ова разногласие се надоврзува и изјавата на министерот за внатрешни работи, која што практично во некоја мера го демантира премиерот затоа што како министерство немаат детектирано такви извори на дестабилизација“, вели Зафиров.

Кога зборуваме за ИТ едукација за деца не мислиме само на учење на програмирање или користење на компјутер, туку целосно развивање на дигиталната писменост. Тоа значи да научиме децата безбедно и креативно да ја користат технологијата, да ја разбираат улогата ИТ во секојдневниот живот. На овој начин тие развиваат критичко размислување, упорност и тимска работа – вештини кои ќе им бидат потребни и надвор од технологијата, вели Марко Ѓорѓиев, software developer и предавач во Семос едукација.
Неговата колешка Тамара Илиева, advanced backend инженер и исто така предавач во Семос едукација се надоврзува дека „дигиталната писменост значи децата да не бидат само корисници на технологијата, туку да знаат како безбедно паметно и креативно да ја користат“.
-Тоа е новата вештина на 21-от век, исто важна како читањето и пишувањето. Поконкретно би кажала дека тоа значи да може паметно и безбедно да се снајдат во дигиталниот свет, односно да разликуваат точни од неточни информации, да знаат да ја искористат технологијата за учење и за работа на ефективен начин, да можат да си ги заштитат своите податоци и најважно од се кога технологијата е корисна, а кога треба да се исклучат.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото