
ЕУ го забранува увозот на руски течен гас
– Приходите од фосилните горива ја одржуваат руската воена економија. Сакавме да ги пресечеме овие приходи. Затоа го забрануваме увозот на руски ЛНГ на европските пазари. Време е да се затвори чешмата – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при најавата на предлогот, кој мора едногласно да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ.
Европската Унија планира да забрани увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) во блокот една година порано од првично предвиденото, како дел од 19-от пакет санкции против Москва, изјавија европски функционери, промена што следува по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
– Приходите од фосилните горива ја одржуваат руската воена економија. Сакавме да ги пресечеме овие приходи. Затоа го забрануваме увозот на руски ЛНГ на европските пазари. Време е да се затвори чешмата – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при најавата на предлогот, кој мора едногласно да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ.
Предлогот за санкции отвора интензивни дискусии меѓу 27-те земји членки за постигнување договор. Проруски настроените влади во Унгарија и во Словачка и во минатото го кочеа усвојувањето на пакети, сè додека не се постигнеше компромис.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на социјалната мрежа „Икс“ изјави дека новиот предлог има цел „да го забрза постепеното укинување на рускиот течен природен гас (целосно до 1 јануари 2027 година)“.
ЕУ претходно планираше постепено укинување до 1 јануари 2028 година, но Трамп повеќепати ја повикуваше Унијата побрзо да го прекине купувањето руска енергија пред тој да преземе дополнителни чекори за притисок врз Москва.