(ВИДЕО) Зафиров: Зошто Сиљановска не го свикува Советот за безбедност ако има обиди за дестабилизација?

➡ Тврдењата дека одредени центри на моќ, внатрешни и надворешни, се обидуваат да ја дестабилизираат државата, е многу изнасилена и пребрза изјава која што премиерот ја даде, вели за „Трилинг“ политикологот Зафиров. ➡ Таквата изјава повлекува неколку консеквенци и во најмала рака го пали алармот во неколку државни институции, но и го пали алармот во НАТО. ➡ Во овој случај претпоставувам дека намерата е да се сврти вниманието кон она што премиерот го тврди, но се изоставува делот дека можеби ваквото тврдење ќе предизвика паника. ➡ По ланецот на случувања коишто би требало да следуваат после едно вакво тврдење, во најмала рака би требало да се свика Советот за безбедност и сите директори на безбедносните структури и агенции да реферираат. ➡ Она што е симптоматично е дека и после вакви изјави на премиерот сѐ уште нема свикување на Советот за безбедност. Кон ова разногласие се надоврзува и изјавата на министерот за внатрешни работи, која што практично во некоја мера го демантира премиерот затоа што како министерство немаат детектирано такви извори на дестабилизација, вели Зафиров.

Поранешниот советник во Кабинетот на претседателот Пендаровски, политикологот Тоше Зафиров во интервју за „Трилинг“ говорејќи за тврдењата дека одредени центри на моќ, внатрешни и надворешни, се обидуваат да ја дестабилизираат државата, вели дека „тоа е многу изнасилена и пребрза изјава која што премиерот ја даде“.

„Таквата изјава повлекува неколку консеквенци и во најмала рака го пали алармот во неколку државни институции, но откако сме членка на НАТО го пали алармот и во Алијансата. Два моменти се важни. Првиот момент е дека во принцип во вакви случаи нашите безбедносни структури би требало да настапуваат превентивно.

-Во овој случај претпоставувам дека намерата е да се сврти вниманието кон она што премиерот го тврди, но се изоставува делот дека можеби ваквото тврдење ќе предизвика паника. И сега, по ланецот на случувања коишто би требало да следуваат после едно вакво тврдење, во најмала рака би требало да се свика Советот за безбедност и сите директори на безбедносните структури и агенции да реферираат, за да сепак се види за какво тврдење се работи и кои се индициите“, вели Зафиров и додава дека откако сме членка на НАТО се префрла и во северно-атлантскиот совет, односно комитетите во рамките на НАТО кои исто така би требало да ја разгледаат ситуацијата односно кои се хибридните напади, затоа што во рамки на еден од столбовите на НАТО е и кризното менаџирање, што претпоставува дека овозможува механизми на помош во вакви ситуации како што тврди премиерот.

-Затоа сметам дека не треба да се избрзува, треба добра проценка да се направи пред било каков ваков тип на тврдење да се изнесе во јавност, вели Зафиров.

За тоа дали препознава разногласие во државно владиниот врв со оглед на тоа дека премиерот Мицкоски предупредува од своевидна диверзија од внатрешно и надворешно влијание, а од друга страна претседателката Сиљановска не гледа потреба од свикување на Советот за безбедност иако пред нешто повеќе од месец дена на последната седница на Советот ќе констатира дека состојбата е стабилна и под контрола и не се очекуваат закани под безбедноста и дека проблемите во соседството немаат директно влијание врз земјата, Зафиров вели дека во најмала рака треба да се гледа и перспективата на граѓаните затоа што со ваквото разногласие се оддава впечаток дека службите или не се подготвени или станува збор за некоја игра во позадина и се предизвикува сомнеж и несигурност.

„Она што е симптоматично е дека и после вакво тврдење на премиерот сѐ уште нема свикување на Советот за безбедност. Ако добро се сеќавам според законските рамки и насоки тој би требало да се состанува на секои три месеци. Кон ова разногласие се надоврзува и изјават на министерот за внатрешни работи, која што практично во некоја мера го демантира премиерот затоа што како министерство немаат детектирано такви извори на дестабилизација“, вели Зафиров.

Осврнувајќи се на тоа дека во кус период има акумулација на настани што создаваат паника и несигурност кај граѓаните – кочанската трагедија, складови со радиоактивен отпад, фемицид, убиство на млада девојка, Зафиров вели дека внатрешните немири се привлечни за странските влијанија.

„Една од филозофиите на тие странски влијанија, особено на оние што се непријателски преку прокси извори или центри во регионот, апсолутно целат кон фрагилни општества и држави во кои што политичкиот систем и институциите се корумпирани, не ефикасни и со ненавремени интервенции“, додава Зафиров.

Целото интервју погледнете го во видеото.