Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители

Во двете општини во најзападниот дел во државава, Дебар и Центар Жупа, во единствениот избирачки список има повеќе гласачи отколку жители.

Во двете општини во најзападниот дел во државава, Дебар и Центар Жупа, во единствениот избирачки список има повеќе гласачи отколку жители.

Во општина Дебар, според последниот попис има 15.412 жители а во избирачкиот список се 19.763 лица со право на глас или 4.351 лице повеќе. Во соседната општина Центар Жупа, во пописот пребројани се 3.720 а во избирачкиот список има 7.551 или повеќе за 3.821 лице со право на глас.

За разлика од Општина Дебар, каде до сега се обезбедуваше потребниот цензус, во Општина Центар Жупа, на изборите во октомври 2021 потребниот минимален цензус од 1/3 или 33 отсто излезност не беше обезбеден. Поради тоа со одлука на Владата градоначалникот Аријан Ибраим, беше наименуван за повереник за надлежностите на градоначалник за оваа општина, до спроведување на вонредните избори, на кои Ибраим го обезбеди вториот мандат.

Двете општини се познати како печалбарски поради масовната миграција, која поизразено се чувствува во општина Центар Жупа, каде над 70 отсто од популацијата е отселена во некоја западно европска земја.

На претстојните избори во двете општини има по тројца кандидати за градоначалник и по пет кандидатски листи за членови за општинските совети.

Во трката за градоначалник на Дебар се Фисник Меља, од коалицијата ВЛЕН, Илирјан Фетаху од коалицијата НАИ и Рамадан Имери, независен кандидат. За 15-члениот Советот листи имаат коалициите предводени од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и НАИ, како и независна листа.

Во општина Центар Жупа за градоначалник конкурираат актуелниот Аријан Ибраим, од Турската демократска партија(ТДП), кој ќе се бори за трет мандат, Алил Емрула, од партијата Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ) и Инајет Баки од Партијата за движење на Трците (ПДТ). Трите партии како и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат листи за советот, кој ќе брои 9 членови или двајца помалку од досега.