
На протестите низ Франција уапсени 55 лица
На протестите низ Франција денеска беа уапсени 55 лица, од кои 22 беа уапсени во Марсеј и седум во парискиот регион, според извештајот на француската полиција.
На протестите низ Франција денеска беа уапсени 55 лица, од кои 22 беа уапсени во Марсеј и седум во парискиот регион, според извештајот на француската полиција.
Полицијата и жандармеријата регистрираа 170 протести во Франција, вклучувајќи 63 блокади, а протестите го нарушија сообраќајот на неколку линии на јавен превоз во парискиот регион, објави телевизијата БФМ.
За денеска во Франција се најавени 250 собири по повод Денот на социјалната мобилизација, а се очекува да учествуваат помеѓу 600.000 и 900.000 демонстранти низ целата земја, објавија француските медиуми.
Неколку средни училишта беа блокирани во Монпелје, како и Факултетот за природни науки, а обид за блокирање на средното училиште „Рене Гос“ во Клермон-л’Еро беше спречен со помош на припадници на жандармеријата.
Француското Министерство за внатрешни работи проценува дека денеска се очекува да протестираат во Париз помеѓу 50.000 и 100.000 луѓе, објави БФМ.
Синдикатите најавија масовен одѕив на наставници, ученици, транспортни работници, таксисти и индустриски работници, додека речиси 80.000 полицајци ќе бидат распоредени за да обезбедат јавен ред и да спречат немири.
Според податоците, околу 33 проценти од наставниците во основните училишта и вработените во предучилишните установи учествуваат во протестите.
Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо рано утрово извести за „обид за блокади“ во парискиот регион, особено на автобуските станици во Обервилиер и Сен Дени. Тој конкретно предупреди на потенцијални закани од крајно левичарски групи кои би можеле да се обидат да се инфилтрираат во официјалните демонстрации, нагласувајќи дека постои „значаен ризик од нарушување на јавниот ред“.
На претходниот протест, одржан на 10 септември, се собраа речиси 197.000 луѓе, според податоците од Министерството за внатрешни работи.