
Два предлога за гласање недоверба на Европската комисија
Нешто повеќе од два месеци по гласањето за недоверба, Европската комисија под водство на Урсула фон дер Лајен повторно се соочува со вакви предлози. Овој пат, критиките се однесуваат и на царинскиот договор со Трамп.
Нешто повеќе од два месеци по гласањето за недоверба, Европската комисија под водство на Урсула фон дер Лајен повторно се соочува со вакви предлози. Овој пат, критиките се однесуваат и на царинскиот договор со Трамп.
Европската комисија на Урсула фон дер Лајен ќе мора повторно да се соочи со гласање за недоверба во Европскиот парламент на почетокот на октомври.
Според германската новинска агенција ДПА, пратениците за тоа биле информирани од претседателката на Парламентот, Роберта Мецола. Гласањето треба да се одржи помеѓу 6 и 9 октомври.
Претходно беше проверено дали предлозите, како што е пропишано со правилата, се поддржани од најмалку 72 пратеници, односно една десетина од 720 пратеници.
Критиките во предлозите и гласањето за недоверба, поднесени од десничарската група Патриоти за Европа („Patriots for Europe“ PfE ) и парламентарната група Левица – се првенствено насочени против фон дер Лајен, но гласањето за недоверба може да се однесува само на целата Европска комисија.
Предлогот меѓу другото, ја критикува политиката на фон дер Лајен за климата и миграцијата. Пратениците дополнително ја обвинуваат за недостаток на транспарентност и цензура и ги критикуваат трговските договори. „Европа денес е послаба од кога било, бидејќи претседателот на Комисијата постојано не успева да се справи со најитните предизвици“, се наведува во предлогот, во кој имаа увид од Политико.
Шефот на парламентарната група на левицата во Европскиот парламент, германскиот пратеник Мартин Ширдеван, меѓу другото рече: „Комисијата склучи катастрофален царински договор со Трамп“. Според него, тој пакт е напад врз европската индустрија и ќе уништи илјадници работни места. Покрај тоа, Комисијата предолго молчеше во врска со хуманитарната катастрофа во Појасот Газа.
Сепак, гласањето за доверба се смета за малку веројатно да успее, бидејќи би барало двотретинско мнозинство од вкупниот број гласови, како и мнозинство од сите членови на парламентот. Ова значи најмалку 361 глас, а ако сите пратеници се присутни и гласаат, дури 480.
На изборите минатиот ноември, Комисијата на Урсула фон дер Лајен доби 370 од 688 дадени гласови.
Веќе во јули, Европската комисија мораше да се соочи со сличен предлог за гласање доверба: Фон дер Лајен потоа беше обвинета за недостаток на транспарентност во набавката на вакцини за време на пандемијата на коронавирусот, за откажување на пораките што ги разменила со шефот на американскиот фармацевтски концерн Фајзер, како и за централистички стил на лидерство.
Предлозите за гласање недоверба на Европската комисија се всушност ретка појава. Десничарските популисти се обидоа да ја заменат ЕК на Жан-Клод Јункер во 2014 година, но без успех.
Во тоа време, само 101 пратеник од евроскептичниот табор гласаа за предлогот, 461 беа против, а 88 се воздржаа.
Единствениот пат кога Европската комисија падна беше во 1999 година, кога Комисијата на Жак Сантер поднесе оставка предвреме по објавувањето на извештајот за измами, лошо управување и непотизам.