По убиството на Росица, за утре најавен протест пред МВР: „Ниту една повеќе“

Во повикот за протестот невладините велат дека треба да се излезе на улица – онаму каде што, како што велат, насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи

По убиството на 31-годишната Росица од Велес, неколку невладини организации за утре во 17:30 часот повикаа на протест пред Министерството за внатрешни работи и блокада кај паркот „Жена борец“ во Скопје во 18:00 часот поради, како што велат, колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што, пак, доведува до фемициди.

„Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите. Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени“, се наведува во заедничкото соопштение на неколкуте здруженија.

Во повикот за протестот невладините велат дека треба да се излезе на улица – онаму каде што, како што велат, насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи.

„Ве повикуваме да кажеме јавно и гласно дека насилството врз жените и фемицидите се неприфатливи! Ве повикуваме колективно да ги обжалиме сите девојки и жени кои изминативе години беа убиени од страна на поранешни или сегашни интимни партнери, зашто институциите и заедницата ги игнорирале нивните повици за помош. Ве повикуваме да дадеме поддршка на жртвите на насилство и заедно да кажеме ‘НИТУ ЕДНА ПОВЕЌЕ!’“. се наведува во повикот за протестот.