
Убиецот на Чарли Кирк го признал злосторството: Јас бев, жал ми е!
Робинсон, кој сè уште не е формално обвинет, треба да се појави на суд денеска. Тој беше уапсен под сомнение за тешко убиство, нелегално исфрлање огнено оружје и попречување на правдата, и се соочува со смртна казна.
Тајлер Робинсон, осомничениот за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, ја презеде одговорноста за злосторството на платформата за пораки Discord, потврди портпарол на компанијата за CBS News.
Според портпаролот, 22-годишниот Тајлер Робинсон им испраќал пораки на пријателите во групен разговор неколку часа пред да биде уапсен минатата недела за пукање во Кирк за време на настан на Универзитетот Јута Вали (UVU).
„Тоа бев јас вчера на UVU. Жал ми е за сето ова“, се вели во порака од профил за кој се тврди дека му припаѓа на Робинсон, што беше потврдено од портпарол и полициски извор.
Робинсон, кој сè уште не е формално обвинет, треба да се појави на суд денеска. Тој беше уапсен под сомнение за тешко убиство, нелегално исфрлање огнено оружје и попречување на правдата, и се соочува со смртна казна.
Пораките на Discord, првично објавени од Вашингтон пост, наводно биле напишани кон крајот на повеќе од еднодневната потрага по убиецот на Кирк.
Кирк (31), близок сојузник на Доналд Трамп, беше застрелан во вратот додека држеше говор на настан организиран од Turning Point USA, организација што тој ја основал.
Убиството на популарен инфлуенсер предизвика бес и меѓусебни обвинувања од демократите и републиканците за ширење говор на омраза.
Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, изјави дека Робинсон бил уапсен откако му го признал злосторството на својот татко, кој потоа го убедил да се предаде.
Полициски извори за CBS News изјавија дека Робинсон и неговите пријатели се шегувале за пукањето во групен разговор на Discord со повеќе од 20 лица. И покрај ова, портпарол на платформата рече дека внатрешната истрага „не пронашла докази дека осомничениот го планирал овој инцидент или промовирал насилство на Discord“.
Кога пријателите во групата го прашале дали тој е напаѓачот, Робинсон не го негирал тоа, а еден член се пошегувал дека ќе мора да го избегнува McDonald’s, алудирајќи на местото на апсење на Луиџи Манџоне, убиецот на директорот на голема американска компанија за здравствено осигурување, Брајан Томпсон.
Пораките од неговата наводна сметка, исто така, наговестуваа дека планира да се предаде.
„Се предавам на мојот пријател шериф за неколку моменти, ви благодарам за времето што го поминавме заедно и за смеата, сите бевте толку неверојатни, ви благодарам на сите за сè“, пишуваше во една од пораките.
Гувернерот Кокс рече дека Робинсон не соработува со властите, за разлика од неговиот цимер.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави за Фокс њуз во понеделник дека на телефонот на Робинсон е пронајдена порака во која тој „експлицитно наведува дека имал можност да го убие Чарли Кирк и дека ќе го стори тоа“.
Истражителите сè уште се обидуваат да утврдат мотив. Кокс претходно рече дека Робинсон бил „длабоко индоктриниран со левичарска идеологија“, но јавните записи покажуваат дека бил регистриран како независен гласач, додека неговите родители се регистрирани републиканци.
Сепак, член на семејството им кажал на истражителите дека Робинсон станал „пополитички настроен“ во последниве години и ја споменал претстојната посета на Кирк.