ОЈО бара нови 48 часа притвор за осомничените во врска со пожарот во Трубарево

Од ОЈО Скопје информираат и дека утре треба да започне увидот на лице место во однос на причините за пожарот, а дека увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител. Се преземаат и повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација во однос на постапката за загрозување на животната средина со отпад.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за четири лица опфатени во постапката во врска со пожарот што во саботата избувна во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево, информира денеска републичкото јавно обвинителство.

На 15 септември, Кривичниот суд одреди краткотраен притвор од 48 часа за четири лица, што претходната вечер во врска со пожарот беа спроведени во Судот.

Четирите лица се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), односно загрозување на животната средина и природата со отпад.

Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.

Од ОЈО Скопје информираат и дека утре треба да започне увидот на лице место во однос на причините за пожарот, како и дека увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител.

„Екипи на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје по наредба на јавен обвинител и денеска излегоа на лице место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животната средина со отпад“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Оттаму додаваат и дека се преземаат повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација за овој случај.