
Локалните избори го освестија Меџити: Да се најдат и да се санираат сите диви депонии!
МЖСПП од општините очекува да преземат мерки во насока на унапредување на состојбата со управувањето со отпад и заштитата на животната средина, а Државниот инспекторат за животна средина итно да преземе активности поврзани со контролата и управувањето со депониите на територијата на државата.
На барање на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити пратена е препорака до општините за спроведување на детални контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и да изготват планови за нивно систематско отстранување.
МЖСПП од општините очекува да преземат мерки во насока на унапредување на состојбата со управувањето со отпад и заштитата на животната средина, а Државниот инспекторат за животна средина итно да преземе активности поврзани со контролата и управувањето со депониите на територијата на државата.
Од општините се очекува да спроведат детална контрола и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и да изготват планови за нивно систематско отстранување.
Во таа насока, се препорачува формирање на работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, воспоставување соработка со инспекциските служби за утврдување на одговорност, изработка на извештај за состојбата со дивите депонии кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и спроведување информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните за правилно постапување со отпадот.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведе вонредна инспекциска контрола на сите постојни депонии и нерегистрирани локации на територијата на државата. Контролата треба да опфати проверка дали депониите работат во согласност со издадените дозволи и еколошките стандарди, утврдување на евентуално незаконско депонирање или неправилно управување со отпадот, како и преземање на мерки за санација и санкционирање во случаи на утврдени прекршувања.
Со овие активности се обезбедува усогласување со законските обврски, превенција од загадување на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните, со крајна цел создавање чиста, безбедна и одржлива животна средина за сите.