За помалку од 24 часа на грчкиот остров Гавдос пристигнале 578 мигранти

Од саботата напладне до неделата наутро, односно за помалку од 24 часа на малиот грчки остров Гавдос, најјужната точка во Европа, пристигнале 578 мигранти, а според портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, надлежното Министерство за миграција внимателно ја следи ситуацијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од саботата напладне до неделата наутро, односно за помалку од 24 часа на малиот грчки остров Гавдос, најјужната точка во Европа, пристигнале 578 мигранти, а според портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, надлежното Министерство за миграција внимателно ја следи ситуацијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција информираа дека во пладневните часови, во саботата на 13 септември нивни службеници на плажа на Гавдос и на пристаништето на островот откриле 270 мигранти, а истиот ден во вечерните часови два брода на Фронтекс спасиле 199 мигранти кои со три чамци се наоѓале во морскиот дел југоисточно и југозападно од Гавдос.

Друг брод на Фронтекс спасил 71 лице, додека патролен брод на крајбрежната служба во раните утрински часови вчера открил и спасил 38 мигранти јужно од Гавдос.

– Вкупниот број на пристигнати и спасени лица изнесува 578 странски државјани кои беа префрлени во пристаништето во Сфакија на Крит, а потоа пренесни во привремениот простор за сместување во Аја Ханија., соопштија од крајбрежната служба. Во овој привремен прифатен центар сместени се 1.200 мигранти.

За зголемените мигрантски бранови кон Крит, портпаролот на грчката Влада на денешниот редовен брифинг со новинарите посочи дека „Министерството за миграција и азил внимателно ја следи појавата и ги разгледува сите сценарија и можностите за дејствување“.

Потсети дека на средината на јули беше изгласана вонредната мерка за суспензија на барањата за азил за оние кои нелегално влегуваат од Северна Африка и одлуката е во сила до 11 октомври.

Објасни дека „оваа мерка функционираше како сериозна дестимулација и имаше импресивни резултати“, пренесувајќи ги податоците од надлежното Министерство, според кои во август, пристигнувањата се намалиле за околу 80 отсто, додека во првите десет дена од месецов имало само 75 пристигнувања.

– Сепак, во последните денови има зголемување: 689 пристигнувања во Ханија, 137 во Хераклион, 57 во Ретимно, вкупно 883 нови нелегални пристигнувања од 12 септември, односно во последните денови. Во комбинација со приближно 396 пристигнувања на нелегални имигранти кои веќе беа во Агија од крајот на август, во моментов вкупниот број на нелегални имигранти на Крит е 1.200 лица, рече Маринакис.