Жељазков: НАТО мора да одговори на секоја руска провокација

Жељазков оцени дека Русија ќе настојува да избегне инциденти над Црното Море, каде што сообраќајот е интензивен, и дека провокациите повеќе претставуваат тест за подготвеноста на Алијансата отколку реална закана.

Премиерот на Бугарија Росен Жељазков денеска изјави дека се преземени мерки за заштита на воздушниот простор, особено во североисточниот дел од земјата, како дел од зајакнувањето на југоисточното крило на НАТО.

– Внимателно ја следиме ситуацијата, постои протокол што се применува. Треба да обезбедиме и безбедност на цивилното воздухопловство, нагласи бугарскиот премиер, пренесува БТА.

Жељазков оцени дека Русија ќе настојува да избегне инциденти над Црното Море, каде што сообраќајот е интензивен, и дека провокациите повеќе претставуваат тест за подготвеноста на Алијансата отколку реална закана.

Бугарскиот премиер увери дека земјата е подготвена да реагира во случај на потреба.

Изјавата доаѓа еден ден откако ромунските власти соопштија дека руски дрон го нарушил нивниот воздушен простор за време на напад врз Украина, а Полска информираше дека подигнала борбени авиони во „превентивна“ операција поради опасност од удари со дронови во близина на нејзината граница.