Новиот систем за влез во ЕУ почнува од 12 октомври, ќе важи и за македонските државјани

Македонските граѓаните од 12 октомври при влез во Шенген зоната на Европската Унија ќе мора да остават биометриски податоци - отисок од прст и фотографија, согласно новиот систем за влез-излез на ЕУ.

Македонските граѓаните од 12 октомври при влез во Шенген зоната на Европската Унија ќе мора да остават биометриски податоци – отисок од прст и фотографија, согласно новиот систем за влез-излез на ЕУ.

Системот за влез-излез во ЕУ, како што беше посочено на брифинг во Делегацијата на ЕУ во земјава, започнува со постепена примена од 12 октомври и ќе трае во следните шест месеци, по што ќе се применува на сите влезни точки во Шенген зоната.

Системот предвидува дека деца до 12 години нема да треба да оставаат биометриски податоци.

Новите правила за влез во ЕУ се најавуваа веќе подолго време и претставуваат автоматски систем за поддршка на протокот и проверката на сите со виза и без влезови во Шенген зоната на ЕУ.

– Се регистрира секој влез, излез и евентуално недозволување на влез. Има две главни цели. Прво е јакнење на безбедноста на границата- сакаме да знаеме кој влегува и кој е во Шенген зоната, како и да се идентификуваат луѓето кои влегуваат за да се намалат измамите со идентитет, но и да се намалат злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој. Второ е ефикасност и брзина. Откако ќе биде целосно имплементиран се очекува да биде побрзо и полесно влегувањето во ЕУ, посочија на брифинг од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Имплементацијата на системот е предвидено да се одвива во четири фази и секоја од земјите од Шенген зоната ќе има своја динамика на имплементација, но генерално: во првата фаза – 30 дена од почетокот на неговата примена е 10 проценти од сите патници кои влегуваат во Шенген зоната на ЕУ да бидат согласно новиот систем, втората фаза предвидува да бидат опфатени 35 проценти во првите 90 дена од примената, третата фаза е до 150 дена да бидат опфатени половина од патниците и четвртата фаза е 170 дена од примената да бидат опфатени сите патници во Шенген зоната.

Повеќе информации за Системот за влез-излез во ЕУ може да се најдат на официјалниот сајт на ЕУ – travel-europe.europa.eu/ees 

На брифингот беше особено нагласено дека ЕТИАС системот, што ќе започне со примена од втората половина на 2026 година е сосема различен од Системот за влез/излез во ЕУ. Откако ќе почне неговата примена секој што патува во Шенген зоната без виза ќе мора прво да се регистрира онлајн и да го најави своето патување.

Регистрацијата, како што е најавено, ќе чини 20 евра и ќе важи три години, со исклучок на помлади од 18 и постари од 70 години.

Двата система се комплементарни еден на друг и ќе продолжат да функционираат паралелно.