
Пирц Мусар и Матарела: Потребно е забрзување на проширувањето на ЕУ
Матарела истакна дека некои земји од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении за членство и дека „неправичната пауза“ по приемот на Хрватска пред 12 години мора да се надмине. – Во прашање се држави со суштинско значење за тоа Европа да биде цела, за стратегиските планови, за одбраната, економската и внатрешната безбедност, како и за борбата против тероризмот и трговијата со луѓе, рече италијанскиот претседател, цитиран од АНСА.
Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и претседателот на Италија, Серџо Матарела, на синоќешната средба во Љубљана изразија поддршка за натамошно проширување на Европската Унија, оценувајќи дека процесот мора да се забрза заради стабилноста и безбедноста на континентот.
Матарела истакна дека некои земји од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении за членство и дека „неправичната пауза“ по приемот на Хрватска пред 12 години мора да се надмине. – Во прашање се држави со суштинско значење за тоа Европа да биде цела, за стратегиските планови, за одбраната, економската и внатрешната безбедност, како и за борбата против тероризмот и трговијата со луѓе, рече италијанскиот претседател, цитиран од АНСА.
Двајцата претседатели нагласија дека Европската Унија треба да обезбеди правично решение за Украина и изразија загриженост за навлегувањето на руски беспилотни летала во Полска.
Тие ја осудија и израелската воена акција против цели на Хамас во Катар. – Се наоѓаме на работ на бездна во која можеме да паднеме, предупреди Матарела. Пирц Мусар истакна дека во Газа е ставено на тест меѓународното право, а Матарела додаде дека ситуацијата бара решителен одговор од меѓународната заедница.
Во разговорите беше ставен акцент и на положбата на малцинствата. Матарела оцени дека заштитата на малцинствата е симбол и доказ за демократската зрелост на двете држави. Пирц Мусар му се заблагодари за, како што рече, почитувачкиот однос кон Словенците во Италија, посочувајќи дека е потребно дополнително зајакнување на автономијата и стабилното финансирање на словенските училишта во Италија.
На прашањето дали словенското малцинство ќе добие гарантирано претставништво во италијанскиот парламент, како што италијанското има во словенечкиот, Матарела одговори дека тоа е прашање во надлежност на италијанската Влада, но дека лично посветува големо внимание на оваа тема. Пирц Мусар додаде дека досега секогаш имало избрани претставници на словенечкото малцинство, но доколку во иднина тоа не се случи, ќе мора да се најде политичко решение.
Италијанскиот претседател се сретна и со словенечкиот премиер Роберт Голоб. Двајцата се согласија дека односите меѓу двете земји претставуваат позитивен пример во рамките на ЕУ. Голоб му се заблагодари на Матарела за придонесот во унапредувањето на односите, особено за политичката рехабилитација на антифашистите од Базовица и за враќањето на Националната сала во Трст на словенечката заедница.
Во рамките на посетата, Матарела ќе се сретне со претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакочар Зупанчич и ќе присуствува на отворањето на реновираната зграда на италијанското основно и средно училиште во Копер, заедно со Пирц Мусар. Претседателите ќе посетат канцеларии на италијанското малцинство, свечена седница на Општинскиот совет на Копер во Преторијанскиот дворец и катедралата во градот.