
Српскиот патријарх Порфириј од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје објави дека Саборот на Српската православна црква (СПЦ) ја прифаќа и признава автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)
„Сега браќа и сестри кога дојдовме овде ви носиме уште една радост. Светиот архирејски Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА и Соборот на нашата црква благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност. Браќа и сестри во исто време, Светиот собор на нашата црква се става на должност на Синодот, заедно и во соработка со Архиепископот Стефан и неговиот Синод да ги разработат сите техничко-организациските детали и ќе следи свеченото прогласување на официјален акт, а потоа сите помесни православни цркви ќе бидат известени и ќе бидат повикани да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА“ – рече патријархот Порфириј.
Тој посочи дека е сигурен дека сите други православни цркви ќе ја дочекаат оваа вест и дека ќе се радуваат.
Радосната вест тој ја објави по сослужувањето на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
„Како да го разбереме ова дешешно собрание, ако не со случувањата на воскресението. Црквата од секогаш била една и единствена, обединета од духот свет. Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на националното. Тие наши претци се радуваат заедно со нас. Верувам дека деновиве конечно се радосни сите што сакаа да ја видат возобновена Охридската Архиепископија. Неодамна во Белград воскликна радоста и овде во Македонија и таму во Србија. Гласно се слушна воздишката на олеснување на братското помирување. Примено е нашето писмо од Вселенската патријаршија, па на Духовден ќе сослужуваме во Фанар, во храмот на Светата Патријаршија“ рече архиепископот г.г. Стефан.