
Пратениците попладнево во надзор на АНБ, утре ќе одат во Агенцијата за разузнавање
Членовите на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) кои имаат безбедносен сертификат ќе ја посетат АНБ и ќе ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени. Ова денеска беше одлучено на матичната собраниска комисија.
Пратениците од Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) со мнозинство изгласаа денеска во 12 часот да одат во АНБ и да извршат надзор во врска со наводите за прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.
Освен во АНБ, членовите на Комисијата изгласаа утре да извршат надзор и во Агенцијата за разузнавање.
Иако вчера на брифинг со новинарите, претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека денеска со Комисијата ќе претседава пратеникот од редовите на „Европскиот фронт“, Скендер Реџепи, кој е претседател на ова тело, тој денеска не се појави во салата шест, каде што се одржа седницата.
На претседавачкото столче седна неговиот заменик од ДУИ, Блерим Беџети. Тој не даде објаснување зошто Реџепи не претседава со седницата.
Уште на почетокот, по отворањето на точката на дневен ред, односно предлог-заклучок за надзор на АНБ во просториите на Агенцијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, предложи надзор да биде извршен и во Агенцијата за разузнавање.
„Имајќи предвид дека излегоа многу работи кои ја сензибилизираа јавноста, предлагам да го дополниме дневниот ред и со посета на Агенцијата за разузнавање“, рече Ковачки.
Пратеничката од редовите на Левица, Јована Мојсоска, рече дека нема да гласа за предложениот дневен ред бидејќи, како што кажа, нема безбедносен сертификат иако поднела барање пред повеќе од шест месеци.
Таа рече дека и во новиот мандат на Собранието се гледаат злоупотреби, односно пратеници од опозицијата да не можат да добијат безбедносен сертификат.
Мојсоска изрази сомнеж дека може да станува збор за политички реваншизам оти, како што рече, Левица прва го открила скандалот со дипломата на актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски. Рече и дека реформата на безбедносните служби не била доследно реализирана.
„Нема да гласам за оваа точка и во новиот мандат гледаме злоупотреби, пратеници од опозицијата не може да добијат сертификати уште од пред повеќе од шест месеци. Ако земеме предвид дека владин функционер кој, има двојно државјанство, има добиено безбедносен сертификат, а пратеници не, тогаш сметам дека Уставниот суд треба да разгледа како се дерогира пратеничката функција. Наместо Собранието да ја избира Владата, изгледа дека Владата го бира Собранието”, рече Мојсоска додавајќи оти не очекува ништо од надзорот на АНБ.
Членката на надзорната Комисија од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека ги поддржува предлозите да се оди и во АНБ и во АР.
„Се согласуваме тој надзор (во АНБ) да биде извршен денес и да направиме увид во она што ќе ни биде приложено”, рече Петровска.
Сепак, таа напомена дека ако Агенцијата не ги декласифицира материјалите, она што СДСМ го бара изминатиот период, тогаш, како што рече, тие нема да можат да ја информираат јавноста за она што го утврдиле при надзорот.
По ова членовите на Комисијата со седум гласа „за“ ги усвоија предлозите за надзор во АНБ и Агенцијата за разузнавање.
Посетата на АНБ е денеска напладне, односно во 12 часот, а утре, според изгласаните заклучоци, пратениците во истиот термин треба да појдат во Агенцијата за разузнавање.
Инаку, седницата на надзорната Комисија што требаше да се одржи во петокот беше одложувана и презакажувана бидејќи нејзиниот претседател одби да ја закаже поради неиздаден безбедносен сертификат.