Министерот за здравство потпиша соработка со „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“

Потпишуваме заеднички меморандум за соработка со трите најголеми приватни здравствени установи-ги зајакнуваме капацитетите во интерес на пациентите, истакна министерот Алиу.

Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги посети трите најголеми приватни здравствени установи во земјава – „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ – со цел потпишување заеднички Меморандум за соработка.

Со овој меморандум се воспоставува рамка за соработка помеѓу Министерството за здравство и приватните здравствени установи, со која ќе се овозможи ангажирање на здравствен кадар – специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи, во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања.

„Законското функционирање на сите здравствени установи, како јавни, така и приватни – е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да се стави на располагање на пациентите, преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните“, истакна министерот Алиу.

Меморандумот предвидува Министерството тековно да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката. Од друга страна, приватните здравствени установи се обврзуваат да обезбедат квалификуван здравствен кадар кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со етичките и професионалните стандарди.

Со овој чекор, Министерството за здравство го унапредува партнерството со сите здравствени капацитети во државата, со крајна цел – подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за пациентите.