
Потресно сведоштво во случајот „Онкологија“: Ќерка ми гледаше Господ во Нино, а тоа беше тивко убиство со несоодветна терапија
На денешното судско рочиште за скандалот „Онкологија” како прв сведок беше повикана Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска, која почина пред три години.
На денешното судско рочиште за скандалот „Онкологија” како прв сведок беше повикана Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска, која почина пред три години, јавува „Фокус“.
Таа со солзи во очите ја раскажа целата голгота што ја поминала нејзината млада ќерка на скопската Онколошка клиника и како го молела нејзиниот доктор Нино Васев да не и дава имуно терапии. На тој начин од несоодветна терапија, таа добила вештачки метастази на црниот дроб, иако претходно била излекувана од канцер на дојка.
Целото нејзино сведоштво ви го пренесуваме во целост:
„Мојата ќерка почна со лекување на Клиниката за онкологија во септември, 2020 година. После нејзиниот роденден почнавме со терапија. Доктор и беше Нино Васев.
На секое примање терапија бев присутна со неа. Пред да се прими терапијата и беа правени испитувања, крвна слика…Тие терапии се многу тешки и состојбата и беше тешка, но ние мислевме дека е нормално тоа кога се примаше хемотерапија.
Тоа беа тешки терапии, но Адријана имаше толку волја и желба и верба во докторот, кој ни влеа надеж. Првично, ги поднесуваше стоечки и организмот и беше спремен да се избори со таа хемија.
На неа никогаш не и беше измерена телесната тежина, си ги примаше цели дози. Јас алармирав бидејќи имав телефони од доктор Нино и Мери, но одговорите беа дека тоа е нормално после секоја хемотерапија и ќе помине. И некако поминуваше. Ние во доктор Нино гледавме Господ.
Не можам да кажам дека тие не беа љубезни на почетокот. Вербата беше во него голема и чиста, го сакавме од срце. Тие беа нашите спасители.
Тој и рече за месец, два ќе одиш оти таа беше во количка бидејќи имаше метастаза на кичма. Ние се фаќавме за сламка.
Ја истурка хемотерапијата и ние бевме пресреќни. Спреми цела изложба, постиравме од болница, бевме преблагодарни. Веруваме дека ќе ја надминеме таа состојба, се додека не почнаа тие имуно терапии.
Доктор Нино рече ќе продолжиме превентивно со имуно терапии. Не ни се посочи дека нешто специјално и се правело за имунотерапија. Уште тогаш го прашав, нели може да се одмори малку детето, да се исчисти од тие хемија, бидејќи е подобра.
Тој ни рече не се секирај, Адријана од твоите чајчиња и сокчиња ли ќе оздрави? Доктор е, му веруваш. По првата терапија, она имаше реакција која не беше добра. Крена температура, нагони на повраќање и проливи. Со секоја следна, симптомите беа се посилни. Имаше такви тешки симптоми, што просто организамот како да експлодираше. И течеше крв од нос, имаше температура. Јас тврдев дека не и е добро. Таа беше уплашена.
И велев сине, јас ќе му кажам на Нино да ги прекине кога и да го видев кажував дека не и е добро на Адријана, но знаете како јас не сум човек што сакам да обвинам, а знам дека моето дете замина поради таа неадекватна терапија.
Се заколнав дека ќе ја зборувам вистината. Две години водевме голгота и три поминаа од кога почина. Кога се сеќавам на тие моменти ми се враќа филмот. Кога ќе се сетам вие молите, а од другата страна гледате авторитет.
Нино Васев има една црта што изгледа ноншалантно и авторитетот го наметнува на свој начин и кога ќе сака да си ја тргне одговорноста прави шеги и ќе ти го одвлече вниманието.
На почетокот верувавме, но како мајка која е многу свесна, едноставно јас го прашувам нешто сериозно, а тој го одбегнува моето прашање. Моето дете сакаше и веруваше дека ќе биде добра.
И покрај нејзината влошена здравствена состојба, тој продолжи да и ја дава терапијата. Стомакот почна да и отекува. Јас почнав да прашувам што се случува? Ништо, ќе и се наполнел стомакот вода, а тој ми вика ќе и ја испразнеле. Просто експлодира. Доаѓаме на дежурства бидејќи не можеше да издржи кога ќе и се наполнеше стомакот со вода.
Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми вика дали вие знаете каква е состојбата на вашето дете. Таа не е добро. Црниот дроб е оштетен. Има вештачки метастази од неадекватна терапија.
Ќе си го прашате вашиот онколог. Тие се добиваат од несоодветна терапија. И кога ние исцрпени ќе не вратеа кај доктор Нино, одговорот беше – кои се тие да кажуваат како и што треба?
Тоа беше најконфузниот и најтешкиот период. Постојано се менуваа терапии, таблетарни, со инфузии. Буквално, едно лудило. Не можам да се сетам што се примаше. Адријана експлодираше. Кога и дадоа една терапија, јас и велев тоа е како отров за глувци и да ги фрлиме. Ќе му кажеме на Нино, дека вака не може. А, таа се плашеше, може после нема да бидат љубезни со нас. Таа беше многу нежна и му веруваше на Нино.
Му се јавував докторе детето паѓа во несвест. Тој цело време ми велеше дека се паничам. Јас прашувам Мери, какви се контраиндикациите од ова што ќе прими и беше се потешко. И Мери ми вика, може да и отечат рацете и нозете, а она во стомакот полна вода. Ќе експлодира. Ќе дојдете ќе извадиме и тоа е. За неколку дена оттогаш и отекоа и раце и нозе. Таа ми се јавува и ми вика отидов цела, ќе експлодирам.
Не знам како успеала, седнала во кола и право на Онкологија. Кога јас отидов од емисија, она веќе беше приклучена на апарати, по десет литри вода се полнеше од нејзиниот организам. Тоа се такви страшни болки кога ве пунктираат, а таа само трпеше. Ми велеше постојано на градата немам ништо, мене ми е проблем стомакот.
Они неа ја предозираа, јас ги молев, но тие не застануваат. На Клиниката за Гастро, докторот ми рече ќе бидам брутално искрен, на вашата ќерка и остануваат уште неколку денови живот.
Од оваа дистанца, Нино Васев мртов ладен се слика со нас, ни кажува вицови за некоја плавуша во Драчево, но тоа мене не ме интересира кога детето ми е болно и во лоша здравствена состојба.
Адријанче си оди и јас им викам извадете и ги тие игли, барем раат да си отиде. Ќе ја однесам она свесна, ќе и дадат терапија ќе се здрви цела. Тоа беше крајот.
Последната недела кога се боревме ги немаше никаде и Нино и Мери. Ми вика на еден авторитативен однос, детето ти оди, а тие ноншалантно и арогантно ми кажуваат дека нема да живее повеќе. Тоа беше тивко убиство. Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемија.
Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална оштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста.
Пресемено од Фокус