Комисијата за надзор на работата на АНБ утре ќе одржи седница – ќе претседава Скендер Реџепи

Собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање утре во 10 часот ќе одржи седница на чиј дневен ред е Предлогот за заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ. Според договореното, со неа треба да претседава претседателот на Комисијата Скендер Реџепи.

Ваков договор постигнале членовите на Комисијата, а за тоа го информирале и претседателот на Собранието Африм Гаши.

– Самите дојдоа до договор и јас го почитувам тоа, изјави денеска претседателот на Собранието на брифинг со новинарите.

Истиот ден, по седницата, оние членови на Комисијата кои имаат безбедносни сертификати, ќе одат во надзорна посета на АНБ.

Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, новинари и бизнисмени.

Проблемот со одржувањето на седницата се појави поради тоа што претседателот на Комисијата Скендер Реџепи нема безбедносен сертификат, односно нема добиено одговор од Агенцијата за национална безбедност, по што претседателот на Собранието согласно неговите деловнички можности ја назначи пратеничката Славјанка Петровска да ја води седницата.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски во изјава за медиумите рече дека целата документација е испратена во Обвинителството, а премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега изјавуваше дека очекува Обвинителството да постапи.

Од опозицијата бараат декласификација на документацијата, а на прес-конференции, како што најавија, ќе ја објавуваат вистината за случајот АНБ.