Падна Владата на Франција – Парламентот му изгласа недоверба на премиерот Бајру

Француското национално собрание гласаше за негово разрешување со 364 гласа „за“ и 194 „против“, со што се собори неговата малцинска влада. Бајру сега мора да ја поднесе својата оставка до претседателот Емануел Макрон, а според извештаите на француските медиуми, тој ќе го стори тоа утре наутро. Макрон има неколку опции и ниту една од нив не е особено привлечна, објавува Би-Би-Си.

Францускиот Парламент ја разреши владата на премиерот Франсоа Бајру по само девет месеци на власт, при што неговата администрација го загуби гласањето за доверба.

На гласањето во Националното собрание, 364 пратеници гласаа дека немаат доверба во владата, додека само 194 и дадоа доверба.

„Во согласност со член 50 од уставот, премиерот мора да поднесе оставка на својата влада“, рече претседателката на парламентот Јаел Браун-Пивет.

Според француски медиуми, Бајру утре наутро ќе ја поднесе оставката до претседателот Емануел Макрон.

Со недели беше јасно дека Франсоа Бајру е на пат кон пораз, пишува Би-Би-Си – Денешното гласање всушност беше само формалност.

Сега е вистинска политичка криза, бидејќи по девет месеци релативен мир, Франција се врати таму каде што беше минатиот декември со падот на неговиот претходник, Мишел Барние.

Претседателот Емануел Макрон сега се соочува со избор помеѓу свикување предвремени избори или избор на петти премиер за помалку од две години.